На почетокот на идниот месец Кочани ќе биде домаќин на шестдневен национален Камп за млади информатичари што го организира локалното здружение „Бистри умови“, а со поддршка од Здружението на информатичари на Македонија.
На кампот ќе учествуваат 13 ученици информатичари со кои ќе работат четири професори и тројца студенти ментори од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ од Скопје.
Собирот и обуката на најдобрите млади информатичари од државата во Кочани ќе се одржи втора година по ред, а планираниот термин е од 1 до 6 јули. Тоа ќе претставува одлична можност за што подобра подготовка пред натпреварите и олимпијадите на кои ќе учествуваат учениците.
Учесници на кампот ќе бидат 4 ученици во јуниорска конкуренција, меѓу кои и Владимир Грчев од Кочани, кои ќе ја претставуваат државата на Европската олимпијада што ќе се одржи во август во Молдавија и на Балканската олимпијада по информатика, закажана за септември годинава во Босна и Херцеговина.

Во сениорска конкуренција во Кочани ќе се подготвуваат 5 ученици и тие во септември ќе учествуваат како македонски претставници на Светската олимпијада во Египет, како и на Балканската олимпијада чиј домаќин ќе биде Македонија.
Покрај нив, на кампот на Пониква ќе учествуваат и 4 ученички кои ќе нè претставуваат на Европската женска олимпијада по информатика, што во јули ќе се одржи во Холандија.
Од кочанското здружение „Бистри умови“ истакнуваат дека главната цел е да им се помага на младите таленти да напредуваат во знаењата поврзани со информатиката, а сето тоа да биде бесплатно за учениците.
Минатата година Кампот на млади информатичари се реализираше под покровителство и со финансиска поддршка од Општина Кочани, а се очекува тоа да се повтори и годинава.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.