Општина Зрновци успешно ја завршува оваа календарска година во која се реализирани повеќе проекти од комуналната инфраструктура, заштитата на животната средина, социјалната заштита и грижата за младите, со што постојано ги подобруваме условите за живот за сите жители, истакна меѓу другото градоначалникот Борчо Коцев во јавното обраќање за работењето на Локалната самоуправа во изминатиот период.
-Во урбанизмот, како најзначаен сегмент за растење и развивање на една општина, презедовме крупни чекори за уредување на градежното земјиште, донесени се урбанистички планови за сите населени места и започната е постапка за урбанистички проект за нова индустриска зона. Извршена е парцелација со која се добиени 25 плацеви за индивидуално домување, а во завршна фаза е постапка за разработување урбанистички блокови со вкупна површина од околу 25 хектари, во кои ќе произлезат градежни парцели за околу 100 викенд куќи, индустриска зона за лесна индустрија, станица за технички преглед, бензинска пумпа, хотел, јавни здравствени установи, дом за стари лица, површини за спорт и рекреација, истакна Коцев.
Во освртот беа претставени реализираните активности за изградба на улици и јавно-прометни површини, како и за решавање на инфраструктурните услови за снабдување со вода за пиење за сите жители.
– Обезбедени се околу 400 илјади евра за реализација на проект за промена на секундарната водоводна мрежа во Зрновци што ќе почне со реализација во почетокот на 2025 година. Обезбедени се 2 милиони и 800 илјади денари и во постапка на избор за изведувач на проектот за реконструкција на главниот доводен цевковод на водоснабдителен систем во општина Зрновци којшто ќе овозможи дистрибуција на вода за домаќинствата. Веќе е изграден резервоарот за водоснабдување во село Зрновци, нов доводен цевковод во село Видовиште во должина од околу 1000 метри, во фаза на реализација е изградба на нов резервоар за водоснабдување во Видовиште, изградени се каптажи за физичко прочистување на водата за домаќинствата во село Мородвис, а потпишан е и договор за реализација на проект армирано бетонска преграда, односно мини акумулација на Морошка Река. Инсталирана е нова секундарна водоводна линија за водоснабдување на домаќинствата во локалитетите Марена и Босилеградско Маало. Променети се и краци од секундарна водоводна мрежа на улицата „АВНОЈ“, дел од улицата „Илинденска“ и улицата „Генерал Апостолски“ со вкупна должина од околу 1000 метри, бунар за водоснабдување како алтернативно решение, а изградена е и пречистителна станица во село Видовиште со која значително ја заштитуваме животната средина, додаде Коцев.
За подобрување на условите во земјоделството изградени се пристапни полски патишта, а набавена е и сопствена машина ровокопач во вредност од 5,3 милиони денари.
Коцев ги нагласи и напорите на Општината за подобрување на условите за спорт и рекреација, како и за младински активности.
-Изготвен е проект за изградба на спортско-рекреативен центар за млади во висина од 6,5 милиони денари што ќе започне со реализација во 2025 година. Изградена е нова фитнес зона на отворено, формиран е фудбалскиот клуб „Светлост Зрновци“ преку кој го развиваме фудбалот како масовен спорт, а во фаза на изработка е проект за изградба на Куќа на спортот, што исто така ќе почне во 2025 година. Заедно со Младинскиот совет, Општина Зрновци организира повеќе спортски настани, како урбано-ридски крос и турнири во мал фудбал, потоа многубројни хуманитарни и еколошки акции, а во соработка со Фондацијата за развој на локалната заедница од Штип почнуваме проект за реконструкција на три и изградба на комплетно нов парк, со реквизити за детско игралиште, нагласи Коцев.
Локалната самоуправа на Зрновци веќе изготви проект за реконструкција и проширување на општинското основно училиште, а согласно можностите реализира проекти од социјалната политика. Во обраќањето градоначалникот Коцев нистакна дека во изминатите години, по основ на стипендии, за новозапишани првачиња, новороденчиња и за награди на ученици исплатени се околу 1,1 милиони денари.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.