ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ нудат програма и луѓе што носат вистински решенија за напластените проблеми, со оглед што актуелната власт ја потона државата во корупција и предизвика таа да биде најсиромашна во Европа, со најниски плати, пензии и со најмал економски раст, истакна кандидатот за пратеник од ИЕ 3, Миле Лефков на прес конференцијата што ја организираше ОК ВМРО-ДПМНЕ од Кочани.
На почетокот од предизборните активности за парламентарните избори, тој најави позитивна кампања во која ќе работат за да ја вратат надежта на граѓаните во државата.
-Ви најавувме бескомпромисна борба со криминалот, нулта толеранција за криминалот уште од првиот ден. Распуштање на Советот на јавни обвинители и на Судскиот совет, законски измени за нивното функционирање и конституирање на вистински институции и тела што ќе се грижат за независноста на судството. Најавуваме 50 милиони евра инвестиции во културата што ќе значат нови содржини и проекти на македонски јазик, најавуваме дополнителни 50 милиони евра во спортот, намалување на сметките за електрична енергија со намалување на фамозната тарифа за пристап до мрежа. Најавуваме и вистински решенија во здравството, конечно ревидирање на листите за лекови, овозможување пристап до бесплатни и квалитетни лекови, завршување на клиничките центри во Скопје, Штип, и реновирање на нашиот во Кочани, истакна Лефков.
Лефков додаде дека во предизборната програма се зацртани и проекти што ќе се реализиараат на локално ниво, а меѓу нив и за општина Кочани.
-Кочани со новата програма ќе добие нов јужен булевар, нов мост на Кочанска Река, конечно ќе добие изградба на Домот за стари лица за којшто празни ветувања добивавме во последните 5-6 години од актуелната влада на СДСМ и ДУИ. Кочани ќе добие и многу други проекти, затоа што во Програмата 1198 новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на општините да им префрла по 250 милиони евра годишно за капитални инвестиции, во период од 4 години тоа ќе значи една милијарда евра за проекти што се од директен интерес на граѓаните. Кочани ќе добие и нова водоводна мрежа, атмосферска и фекална канализација на спортско-рекреативниот центар Пониква. Почитувани граѓани, за сето ова ни е потребна вашата поддршка. Порачуваме „Македонија повторно твоја“, време е да се стави крај на поразителните политики, поддршката за ВМРО-ДПМНЕ е поддршка за Македонија, додаде Лефков.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.