Кочани е оставено на чекање – градот кој по трагедијата во „Пулс“ очекуваше институционална грижа, поддршка и развој, сѐ уште се соочува со заборавање и празни ветувања.
Сите повредени млади и нивните семејства се заборавени! Тие продолжуваат да живеат со последиците од трагедијата справувајќи се сами како што знаат и умеат, а наместо сигурност и системска поддршка, од надлежните добиваат молк и неизвесност и најчесто се предмет на политички манипулации.
Еве еден најсвеж пример. Во јули годинава, министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ јавно најави дека младите кои по пожарот беа лекувани во белградските болници ќе можат бесплатно да го продолжат лекувањето во Србија. Денес родителите прашуваат: Што се случува со ветеното? Каде е институционалната поддршка? Кому да се обратат? Дали беше тоа политички маркетинг, трик и замајување на јавноста?
Родителите велат дека денес не можат да добијат одговори и дека повиците до надлежните министри остануваат без одговор. За родителите животот на нивните деца не е политика. На повредените не им требаат нови ветувања. Им требаат итни здравствени интервенции.
Кочани не бара милост, туку одговорност. Не бара привилегии, туку еднаков третман и институции кои ќе стојат зад своите зборови.
На 2 октомври 2025 година беа најавени околу 100 милиони евра за инфраструктурни проекти за Кочани и регионот. Граѓаните денес со право прашуваат: Каде се тие инвестиции? Кога ќе започнат? До кога ќе чекаме?
До кога улиците ќе се реконструираат по пет, десет и повеќе години, а природното богатство на Кочани, лековитата геотермална вода, ќе останува неискористен потенцијал со децении? До кога развојот ќе биде ветување на хартија, а секојдневието на граѓаните – борба за основни услови за живот?
Кочани не сака да преживува. Кочани сака да живее, да се развива и да има иднина. Граѓаните се уморни од чекање, од селективен пристап и од чувство дека за Кочани секогаш има изговор, но никогаш доволно средства, време и внимание.
Кочани бара правда. Кочани бара еднаков третман. Кочани ги бара ветените инвестиции. Кочани бара грижа за повредените, за семејствата на загинатите во пожарот, за секој поединец.
И прашува: До кога Кочани ќе чека да му се падне нешто на лото?
ОО СДСМ – Кочани
©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






