Вечерва околу 20:30 часот избувнал пожар во кругот на Станицата за пречистување на отпадните води кај селото Мојанци, при што била зафатена инсталацијата од системот за пренос на метан.
Благодарение на брзата и професионална интервенција на пожарникарите, избегната е катастрофа од поголеми размери, бидејќи е спречено огнот да стигне до балонот каде што се собира метанот.
Пожарот ги зафатил цевките од системот во непосредна близина на плинскиот балон, а на местото на настанот веднаш интервенирала Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) од Кочани со четири возила и осум пожарникари, а поддршка дале и четворица доброволци со едно возило од Доброволното противпожарно друштво (ДПД) – Кочани.
Пожарот бил изгаснат со употреба на пенило, противпожарни апарати со прашкаста материја и вода. Во инцидентот е предизвикана само материјална штета, а за среќа нема повредени лица.
За настанот се известени Полицијата и Јавен обвинител. Увидот и утврдувањето на причините за избувнувањето на пожарот се очекуваат во текот на утрешниот ден.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






