Градоначалникот Владко Грозданов, во име на Организациониот одбор, упати остар апел до сите граѓани кои ги палат стрништата низ полето, повикувајќи на итно прекинување на оваа практика.
Ова барање доаѓа во период кога регионот одбележува една година од големиот пожар, што му дава дополнителна тежина на повикот за одговорно однесување.
Грозданов истакна дека е недолично и некултурно да се палат огнови на отворено, особено во време кога се очекуваат посети од разни институции и делегации. Тој запраша дали е соодветно гостите кои доаѓаат во посета да бидат пречекани со глетки на пожари, со саги кои врнат врз нивните глави и со енормно загаден воздух.
-Ве молам воздржете се овој период од палење на стрништата, бидејќи е сосема недолично и некултурно. Освен што е штета за здравјето и воопшто не е пријатна глетката, бидејќи кога ќе се упатиме од Штип кон Кочани, како од левата, така од десната страна наликува како да сме воена зона, порача градоначалникот Грозданов, нагласувајќи дека ваквото однесување создава и исклучително грда слика за регионот.
На крајот од своето обраќање, Грозданов упати благодарност до граѓаните за разбирањето и очекуваната воздржаност од понатамошно палење на земјоделските површини.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






