ПСК „Осогово“ од Кочани годинава одбележува 20 години од постоењето, а тоа е повод да организира дводневен настан со забавни и спортско-рекреативни содржини.
Веќе тече пријавувањето за учество, а најавено е присуство на планинари и други гости од Македонија, но и од странство. Стартните броеви за учество, заедно со маичка за настанот, можат да се обезбедат по симболична цена од 350 денари.
Од клубот информираа дека в сабота доцна попладне и во вечерните часови на Пониква ќе се одржи забава со диџеј, а за в недела се закажани две натпреварувачки трки и едно рекреативно пешачење.
Првата трка, која е од полесен карактер, ќе се трча на патека по должина од 9 километри, а стартот е од паркингот пред одморалиштето на МВР, преку манастирот Св. Василиј, до врвот Панаѓур на 1669 метри надморска височина. Истата патека ќе биде искористена и за рекреативно пешачење на кое можат да учествуваат сите планинари, рекреативци, почетници и вљубеници во природата.
Втората трка е потешка и бара добра физичка подготвеност на натпреварувачите. Ќе се трча на патека со т.н. вертикален километар, на делницата од месноста Ивков Преслап до врвот на скијачката патека број 3.
За најдобрите и најбрзите натпреварувачи, организаторот на настанот, ПСK „Осогово“ обезбеди награди и признанија. Минатата недела членови на клубот ги исчистија и обележаа патеките на кои ќе се одржат натпреварите.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.