Со манифестацијата „Другарувањето со книгите ни е песна“ што претставува Фестивал на децата, книгите и музиката општионската билиотека „Искра“ од Кочани го одбележува 2 април – Меѓународниот ден на литературата за деца.
Присутните ученици и други гости ги поздрави координаторката на проектот Магдалена Кочовска Салтирова, виш билиотекатар во „Искра“, а поддршка на манифестацијата даде и в.д. градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски. Притоа беше нагласено дека се работи за фестивал што се реализира 14 години и има благородна цел да го промовира пишаниот збор меѓу најмладите.
-Книгата многу често се споредува со светлината затоа што и со едното и со другото може многу бргу да се стигне до кое било место на светот, а гледано и метафорично, да ги осветлува и нашите мисли. Книгата. се смета за една од најголемите човекови достигнувања, таа е мерилo на времето, запишан траг за животот и состојбата на човештвото, но и патоказ за иднината. Во денешно време сѐ поевидентни се сознанијата во оваа ера на дигитализација дека младата читателска публика, односно децата сѐ повеќе се насочени кон телефоните и кон дигитализацијата. Меѓутоа, ние не се согласуваме со тоа дека само така може да биде, затоа што во текот на еден долг ден има доволно време да се истражува и на мобилниот телефон, но и да се чита книга, истакна Кочовска.

Овогодишното чествување почна со читање на меѓународната порака за книжевноста за деца, а потоа беа промовирани книгите наменети за најмладите „Мојот омилен научник Никола Тесла – човекот кој го измисли 21-от век“ и „Алберт Ајнштајн во трамвајот на имагинацијата“ од Наташа Данчевска и Билјана Сердарска. Со изведба на музички композиции настапија и учениците од музичкото училиште „Ристо Јуруков“.

Во програмата на Фестивалот се промоции на книги за млади и деца, читање поезија и проза, средношколски парламент за зачувување на македонскиот стандарден јазик, ликовно-креативна работилница и други содржини. Одбележувањето на 2 Април – Меѓународниот ден на литературата за деца беше поместено поради трагичниот настан во март годинава.
Фестивалот на децата, книгите и музиката се реализира како проект од национален интерес во културата од областа на литературата и издавачката дејност на Министерството за култура, а поддржан е од Општина Кочани, Ротари клубот Кочани – Виница и компаниите Амфенол Технолоџи Македонија и Голдентекс.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






