Во емотивна атмосфера, со почит кон минатото и јасна визија за иднината, во Кочани се одржа панел-дискусија по повод една година од основањето на Ротари Феникс центарот.
Настанот беше потсетник на трагичниот 16 март 2025 година, ден кој го потресе градот, но и како платформа за објавување на амбициозниот проект „Феникс 2.0“.

Претседателот на Ротари клубот Кочани-Виница, Влатко Тасев, истакна дека изминатата година била исклучително тешка, но дека името на центарот, „Феникс“, симболизира обновување и издигнување од пепелта. Заедницата се обедини веднаш по несреќата која однесе 63 жртви, што се смета за еден од најголемите удари во историјата на Кочани.
-Во изминатиот период, Феникс центарот реализираше бројни хуманитарни и поддржувачки активности како директна помош со испраќање на пожарникарите на психофизичка рехабилитација во Банско и организирање кампови за млади во Михајлово, преку здравствени донации со кои се донирани 12 кислородни апарати, над 30 инвалидски колички и 15 помагала за кочанската болница, како и лаптоп и лупа за Здружението на слепи лица. Обезбедена е опрема за безбедност, односно ново пожарно возило со цистерна за општина Виница, а го најавуваме и националниот проект – донација на 170 нови инвалидски колички за болниците низ цела Македонија, истакна Тасев.

Професор доктор Дијана Белевска, координатор на проектот, го објасни системскиот пристап во лекувањето на траумите. Таа нагласи дека фокусот бил ставен на повредените деца, семејствата кои изгубиле најблиски и сите погодени граѓани.
-Од изминатата година научивме дека животот мора да продолжи. Почнавме со работилници за стрес и траума, а стигнавме до теми за личен развој, давајќи му шанса на животот, а не на тагата, истакна Белевска. Таа најави и подготовка на стручен прирачник кој ќе го сумира искуството од работата со оваа заедница.

Најзначајната најава на вечерта беше трансформацијата на Феникс центарот во прв регионален технолошки стартап инкубатор. Сашко Андонов го презентираше концептот „Феникс 2.0“, кој има за цел да го претвори Кочани во центар за иновации.
-Сакаме нашите деца да работат со вештачка интелигенција, 3D печатачи, роботика и дронови. Преку Ротари мрежата ќе бидат обезбедени ментори од целиот свет, овозможувајќи им на младите да го освојуваат светот без да го напуштат својот дом. Целта е траумата да се преточи во триумф, а солидарноста во конкретен напредок за новите генерации, истакна Андонов.

Зоран Тодоров, кој беше вклучен во првите часови по несреќата, порача дека Кочани мора да излезе посилно од ова искуство и да создаде услови за среќно општество.
Вратите на Ротари Феникс центарот во Трговскиот центар во Кочани остануваат отворени за секој на кој му е потребен разговор, но отсега и за секој кој бара алатки за професионален успех.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






