Хуманитарна група граѓани од Кочани подготвува донација од рачни плетени изработки како поддршка на децата што се лекуваат на Клиниката за хематологија и на Клиниката за радиотерапија и онкологија на Универзитетската клиника во Скопје.
Зимава, тие плетеа комбинации од капи, шалчиња, грејачи за глава, калци, чорапи и играчки што ќе ги донираат на дечињата што се лекуваат од тешки болести.

– Акцијата за донирање е израз на нашата љубов и морална поддршка на пациентите на Хематологија и Онкологија и на нивните семејства. Сите минуваат низ голема болка, но нашата порака е да ја продолжат борбата до целосно излекување и закрепнување. Во секој котелец од изработките се вплетени нашите искрени желби за добро здравје, истрајност и силна надеж, истакна Марина Ристова, член на групата ракотворки, додавајќи дека ова е само мал придонес од големата акција.

Со хуманитарната акција е опфатено 41 дете на возраст од 1 до 16 години.

Иницијативата за оваа хуманитарна активност произлезе од фејсбук-групата Плетени коцки и е реализирана од клуб за рачна работа што работи во Кочани неполна година, а каде што љубители на плетењето даваат, односно земаат часови за плетење и почнуваат да учат или се усовршуваат во изработката на предмети од конци.
Радува податокот што интерес за плетење покажуваат и деца на мала возраст.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






