Членови на Мото клубот „Желки“ од Кочани изминатите дваесетина дена го реализираа Мото релито „Нордкап 2024“. Кочанските моторџии поминаа 17 земји и 11.500 километри.
Стартна точка им беше Кочани, а потоа се движеа низ Србија, Хрватска, Словенија, Австрија, Германија, Данска, Шведска и Норвешка се до север и најблиската копнена точка на Северниот пол, Нордкап.

По успешно завршенaта турнеjа, нивните најблиски и колегите од клубот организираа свечен дочек.
-Ова претставува еден вид на рели на издржливост, односно за што пократко време да се поминат повеќе километри. Настанот беше регистриран и во Мотоциклистичката федерација на Македонија каде сме рамноправни членки. Мото релито малку го пролонгиравме затоа што можев да ја доведам во ризик мојата здравствена ситуација. На Нордкап бевме точно со поминати 7.000 километри. До таму беше многу тешко да се дојде бидејќи временските услови беа лоши, дуваше силен ветер, врнеше силен дожд, а имаше и магла. Мотоциклите ги наведнуваме и по 45 степени за да се искачиме на врвот. Потоа се враќавме преку Финска по што ја напуштивме Скандинавија и продолживме јужно преку балтичките и останатите словенски држави Естонија, Литванија, Полска, Чешка, Словачка, Унгарија и Србија. Можам да кажам дека немавме никакви проблеми ниту од здравстевна природа, а немавме проблеми и со мотоциклите. Бевме вкупно четворица колеги, двајца попатно ги собравме, а на враќање се разделивме кај Полска и тие си отидоа таму каде што моментално престојуваат и живеат, истакана Момчило Хаџи Паунов, претседател на Мото клубот „Желки“ – Кочани.

Од Мото клубот „Желки“ упатија благодарност до компаниите од Кочани и Виница кои им беа поддржувачи, односно спонзори за реализација на целиот потфат.



©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.