На последната, трета седница на Советот за развој на Источниот плански регион (ИПР), одржана во Виница, меѓу другото, беа официјализирани плановите за развој на Регионот за 2026 година.
Сепак, по деталното разгледување на бројките и предлог-проектите, се наметнува сериозна дилема дали Регионот може да ги реализира сите зацртани цели со расположливиот буџет кој се чини недоволен за сите апетити?
Оштините се пред своевиден буџетски јаз, затоа што желбите тежат двојно повеќе од расположивите пари. Според официјалното известување од Министерството за локална самоуправа, на Источниот регион му се доделени околу 10,5 милиони денари за оваа намена. Проблемот настанува кога ќе се соберат вредностите на трите прифатени предлог проекти.

Советот на градоначалници од Истокот приоритет му дава на прeдлог проектот за Регионален центар за згрижување и контрола на популацијата на кучиња скитници и ветеринарно здравство, чија вкупна вредност за првичната апликација се проценува на околу 5,2 милиони денари. За изработка на физибилити студија и основен проект се предвидени дополнителни 6 милиони денари.
Вториот приоритет што доби „зелено светло“ е проектот за Енергетска ефикасност во образованието во кој се вклучени општините Берово, Зрновци, Карбинци, Кочани, Македонска Каменица, Пробиштип и Пехчево. Согласно правилата на Бирото за рамномерен регионален развој, неговата вредност мора да биде над 5 милиони денари за да биде воопшто прифатен за аплицирање.

Третиот прифатен приоритет е проектот за ЛЕД осветлување („Smart Led Lighting Project“). Тој ги опфаќа општините Виница и Делчево и има предвиден буџет од 10.012.000 денари. Оваа сума речиси целосно го „голта“ вкупниот регионален буџет доделен од државата.
Едноставната пресметка покажува дека за да се реализираат сите три проекти би биле потребни над 20 милиони денари, што е двојно повеќе од расположливите 10,5 милиони од Министерството.

Очигледно дилемата за приоритетите останува меѓу стационар за бездомни кучиња или енергетска заштеда за учениците? Иако изградбата на регионалниот стационар е утврдена како прв приоритет, останува нејасно како ќе се покрие финансиската конструкција за останатите иницијативи.
Директорот на Центарот за развој на ИПР, Трајче Здравков, преку искуствата од другите плански региони предупреди на ризиците од неликвидност, посочувајќи дека стационар за кучиња скитници веќе функционира во Вардарскиот плански регион и единствен проблем со кој се соочува е плаќањето надоместок од одредени општини. Поради истиот проблемот со плаќањето, регионалниот стационар во Југоисточниот плански регион бил преземен од општина Гевгелија.

Дополнително, за стационарот на Истокот допрва треба да се прави скрининг и да се утврдува локација преку физибилити студија, што е процес кој сам по себе бара сериозни средства.
Отворени прашања се дали Регионот ќе мора да се откаже од некој од проектите или пак ќе се потпре на поголемо кофинансирање од самите општини? Иако е предвидено секоја општина да учествува со 10% во проектот за стационарот, тоа не го решава основниот проблем со недостатокот на средства од централно ниво за другите два капитални проекти.
Останува да се види дали Советот ќе успее да изнајде дополнителни извори на финансирање или Источниот регион ќе се соочи со тежок избор – кој проект да добие „зелено светло“, а кој да почека некои подобри времиња.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






