Членовите на Советот на Општина Зрновци на шестата седница побараа одговори за неодамнешното загадување и заматување на реката Зрновка, што предизвика вознемиреност кај населението. Тоа беше повод да се отворат низа прашања поврзани со еколошкото влијание, финансискиот бенефит за Општината и приоритетот на користење на водните ресурси.
Проектот во 2011 година го почнал конзорциум кој подоцна отишол во стечај, а сега е во рацете на фирмите „Екотера“ и „Пескара“. Градоначалникот Ванчо Митев појасни дека градежните активности се при крај.
-Изградбата на хидроцентралите е веќе во завршна фаза. Едната од хидроцентралите најверојатно во мај месец ќе почне и со производство на електрична енергија, а другата се планира да биде пуштена најкасно до септември месец. Градежни активности во наредниот период се за зградата којашто им треба за функционирање, рече Митев.

Градоначалникот го контактирал претставникот на инвеститорот, фирмата „Пескара“, откако било констатираното загадување на водата.
-Тоа што од нивна страна ни беше кажано е дека заматувањето е од блата коишто биле натлачени од поројните дождови, а коишто ги чистеле. Тоа била причината и за самото заматување на водата којашто беше констатирана претходниот викенд. За тоа дали во наредниот период ќе имаме загуба на вода ни беше кажано дека нема да се случи, затоа што таа вода ќе врти низ турбините и ќе влегува во постоечкиот тунел од којшто и ние добиваме вода, додаде Митев.

Стана збор и за економските придобивки за локалниот буџет, при што еден од клучните мотиви за поддршка на ваквите проекти се концесиските надоместоци. Беше нагласено дека Општината очекува директен финансиски прилив штом хидроцентралите почнат со производство.
-Постоечкиот закон вели дека концесијата се дели 50/50, значи 50 отсто одат во буџетот на државата и 50 отсто треба да дојдат во буџетот на нашата Општина. Сето тоа зависи од количеството на произведена електрична енергија, информираше градоначалникот.

Претседателот на Советот на Општината, Благој Бошков предложи оваа тема да биде разгледувана како точка од дневниот ред на наредната седница, при што да се има на увид во договорот од 2011 година и да дојде претставник на инвеститорот.
-За 50-50, да сме Шведска, Данска, Скандинавија и да поверуваме, ама за тука, чисто се сомневам, и тука ќе бидеме изманипулирани. Мислам дека треба да имаме претставник на наредната седница, да биде известен да дојде оти ќе биде катастрофа ако од мај месец почне да работи. Мој предлог е јуни – јули – август никако да не работат, а и септември, од временските услови да се види, ако е суша, ако нема вода и септември да не работи, рече Бошков.

Градоначалникот Митев додаде дека договорот за концесија бил склучен директно меѓу инвеститорите и тогашното Министерство за економија и тие немаат обврска на Општината да ѝ даваат некаков договор. Целата постапка е во завршна фаза, прашање е дали сега нешто може да се запре, затоа што многу порано требало да се бараат одговори на овие дилеми.
Советниците побараа на следната седница да присуствува претставник на инвеститорите за директно да одговори на прашањата за управувањето со водите во критичните периоди, со цел да се избегне „манипулација“ и да се заштитат интересите на граѓаните на Зрновци.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






