Од Паркот на Револуцијата во Кочани, по вторпат почна манифестацијата „По патот на Илинденците“, организирана од Здружението „Осоговски елит“ – Кочани, а во чест на претстојниот голем празник Илинден.
Настанот, кој привлече бројни граѓани, претставува спој на традицијата, коњичкиот спорт и културното наследство на Македонија.

Овогодинешното издание на настанот имаше посебно значење и збогатена содржина. Како што истакна Емилија Станојкова, претседател на здружението „Осоговски елит“, иако манифестацијата започна лани во чест на 63-те жртви од трагедијата во Кочани, оваа година е проширена со цел да понуди побогата културно-уметничка програма за граѓаните.
-Сакаме да го промовираме коњичкиот спорт, традицијата и славењето на Илинден во нашиот град, како и да ја зголемиме културната програма што се нуди во градот, порача Станојкова, најавувајќи дека целта е овој настан да стане масовна традиција во иднина.

Програмата во градскиот парк започна достоинствено, со изведба на националната химна, по што им беше оддадена едноминутна почит на жртвите од трагедијата во „Пулс“. Потоа сцената им припадна на фолклористите од фолклорните ансамбли „Мугри“ и „Митко Алексов“, кои со своите игри го најавија доаѓањето на коњаниците.
Според обичаите, јавачите беа пречекани со традиционална погача и сол, а свештеници од храмот „Св. Георгиј“ им дадоа благослов со светена вода, посакувајќи им лесен пат и успешно завршување на нивната мисија.

Она што го прави овогодинешниот марш посебен е соработката на коњаниците од Кочани со членови на коњичкиот клуб „Галоп“ од Битола, со кои формираа единствена група јавачи и заеднички ќе ја поминат дистанцата до Мечкин Камен.
Коњаниците го почнаа неколкудневниот пат, а нивното пристигнување во Крушево се очекува токму на празникот Илинден, каде што ќе се приклучат на централната државна прослава, пренесувајќи пријателски пораки од збратимениот град Кочани.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






