Водата во селата Теранци и Бурилчево сè уште хемиски и бактериолошки не е исправна за пиење, покажале официјалните податоци од анализите што Општина Чешиново-Облешево ги добила од Центарот за јавно здравје и Агенцијата за храна и ветеринарство.
Иако по барање на жителите беше извршено дополнително испитување на мострите, резултатите покажаа дека квалитетот на водата не е на задоволително ниво.

Градоначалникот на Општина Чешиново-Облешево, Јорданчо Костадинов на последната седница на Советот ги образложи добиените податоци, при што упати директен повик до мештаните да не ја користат за пиење водата од водоводите.
-Апелирам до граѓаните да не ја користат водата за пиење. Ние не можеме да влеземе во нивните домови и да им го забраниме тоа, па останува на нивната совест, истакна Костадинов.

Поради неповолните резултати од испитувањата, Општината започна постапка за набавка на вода за пиење која во наредните денови ќе биде доставена на посебни пунктови во засегнатите села, додека во водоводните системи продолжува процесот на хлорирање.
Покрај лошите резултати од анализите, градоначалникот посочи и на загрижувачки однос од страна на лицата кои локално раководат со водните ресурси во тие населени места.

-Загрижува податокот што дел од луѓето коишто во тие населени места се одредени да манипулираат со водоводите и водните ресурси не сакаат да го примат резултатот, односно анализите коишто им се доставени од страна на Центарот за јавно здравје и инспекторите од АХВ до Општината. Преку нас ти се донесени до нив, но не сакале да ги примат со образложение дека не веруваат на тие анализи. Така, останува на нивна совест да продолжат да размислуваат во тој правец, а ние како Општина сме должни да постапуваме според она што го даваат институциите на системот, додаде Костадинов.
Градоначалникот потврди дека податоците со анализите се веќе однесени во населените места и примерок од резултатите ќе биде доставен до сите советници кои ќе ги побараат.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






