Забрзано се одвива изградбата на новата производна хала на компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“ во месноста Цацков Бунар кај Тркање, што заедно со веќе постојните ќе биде шеста по ред.
Се работи за сопствена инвестиција со чие комплетирање во првата фаза ќе се вработат нови над 200 работници, ќе се зголеми обемот на производство и ќе се оствари пораст на финансиските резултати на еден од најголемите производни капацитети во Источниот регион.
Увид во градежните работи направи премиерот Христијан Мицкоски кој ја посети фабриката и изрази задоволство од успехот и натамошниот раст на „Амфенол“.

-Станува збор за исклучително висока технологија, со голема додадена вредност на производот, тоа што нас ни е важно, бидејќи додадената вредност практично влијае врз бруто домашниот производ. Од тоа што разговаравме со директорот, во новите две хали, зборувам за оваа којашто сега ја гледате позади нас која што е во фаза на изработка и таа што догодина ќе започне, ќе имаме исклучително висока технологија којашто одговара на најсовремените технолошки процеси. Како Влада поддржуваме директни инвестиции, домашни и странски инвестиции, не само преземајќи го институционалниот ризик, туку и финансиски, преку програмата ќе ги поддржиме овие нови инвестиции на компанијата тука во Кочани. Во иднина планираме и во одредени други градови да се прошири инвестицијата на „Амфенол“, така што за нас компанијата претставува стратешки партнер. Приходите оваа година, ако не се лажам ќе се доближат до кај 200 милиони евра, што е огромна бројка и придонесува не само за локалната економија, туку генерално за државната економија. Во рамките на Советот на странски инвеститори разговараме отворено за проблемите, голем дел од проблемите се решаваат, меѓу нив се и усогласувањата на царинските ставки коишто започнаа да се имплементираат од педесетина проценти од први јули оваа година, а останатите педесетина проценти ќе почнат од први јануари следната година, истакна премиерот Мицкоски.

Зборувајќи за плановите за натамошен развој на „Амфенол Технолоџи Македонија“, директорот на компанијата Сашко Наков нагласи дека до крајот на оваа и во текот на идната година бројот на вработени треба да стигне од сегашните 3.170 на околу 3.700.
-Халата којашто ја гледаме позади нас ќе биде до крајот на септември спремна за инсталирање опрема и ќе стартуваме со производство, се надевам дека набрзо ќе можеме уште околу 200 вработени да ангажираме овде. За наредната година планот ни е уште една нова со 3.100 квадратни метри и околу 300 до 320 вработени. Со тоа 2025 и 2026 година ќе ги заокружиме со овој дел, оваа фаза од проектот. Потоа ќе разговараме дополнително за да створиме соодветни услови за да продолжи растот, бидејќи „Амфенол“ е корпорација којашто има доверба во Македонија и во луѓето тука, и којашто инвестира перманентно. Ние немавме застои во било која криза што се случила, нашите бројки секогаш беа со раст, и во Ковид и во финансиски кризи, и сега не гледам прiчина тоа да да не го реализираме, истакна Наков.

Новата хала чија изградба треба да заврши за помалку од еден ипол месец се простира на површина од околу 2.000 квадратни метри, со што се комплетира производниот комплекс на „Амфенол“ на сегашниот простор кај селото Тркање.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






