Преку проектот за воведување мерки за енергетска ефикасност и подобрување на условите во образовниот процес, основното училиште „Раде Кратовче“ од Кочани ќе добие нова нова, термоизолирана фасада.
Вкупната вредност на градежните работи и реконструкцијата на објектот на училиштето според техничката документација се проценуваат на околу 5 милиони денари. Притоа, четири милиони денари се обезбедени преку грант од Центарот за развој на Источниот плански регион, а Општина Кочани ќе кофинасира уште околу 1,2 милиони денари од буџетот.
Претходно беше предвидено да се обезбедат буџетски средства во висина од 457 илјади денари, но по спроведената тендерска постапка од страна на Центарот за развој на регионот биле постигнати повисоки цени од првично проценетите.
Имајќи ги предвид придобивките за учениците и потребата од модернизација на училишната зграда, на последната седница на Советот беше донесена едногласна одлука дополнително да се обезбедат околу 715 илјади денари, со заклучок дека поддршката за инвестиции во образованието не смее да биде доведена во прашање.
Со реализацијата на овој проект, ОУ „Раде Кратовче“ ќе добие нова енергетско-ефикасна фасада и подобрени просторни услови, што значително ќе ги намали трошоците за затоплување и ќе овозможи поквалитетен и посовремен престој и настава за сите ученици.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






