Шаховската репрезентација на „Мобилност Македонија“ го освои првото место и големиот победнички пехар на 18. Меѓународен шаховски турнир за параплегичари што се одржа во Бања Лука, Босна и Херцеговина.
Шахистот Горан Војновски, кој како претставник на „Мобилност“ – Кочани настапи на првата табла за македонската репрезентација, оствари голем успех на меѓународната спортска сцена.
Војновски ги предводеше настапите на првата табла во состав на националниот тим, во кој на втората табла играше Јанчо Ѓорѓевски, а на третата табла Даниел Нунески. На турнирот учествуваа вкупно шест екипи од регионот: Македонија, Федерацијата БиХ, Република Српска I, Србија, Република Српска II и Словенија.

Борбата за престолот беше исклучително изедначена до самиот крај. По одиграните пет кола, репрезентациите на Македонија и на Федерацијата БиХ беа потполно изедначени и по бројот на бодови и по освоените поени.
Согласно пропозициите на натпреварот, одлуката за шампионот се донесе преку жрепка, на која капитенот Јанчо Ѓорѓевски имаше среќна рака и го обезбеди пехарот за „Мобилност Македонија“.
Средствата за учество на овој меѓународен спортски настан беа обезбедени од Министерството за социјална политика, демографија и млади.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






