Уште пред да почне, веќе беше завршена јавната расправа за Проектот за воспоставување регионален систем за управување со отпад во Источниот Плански Регион, проект од програмата ИПА 2, што беше закажана да се одржи вечерва во салата на Советот на Општина Кочани.
Причина за таквата констатација е што присутните граѓани, меѓу кои голем број беа и од оние кои три недели го блокираа пристапот до депонијата кај Бели, набргу по почетокот на состанокот го напуштија откако беа информирани дека се отсутни претставници од Министерството за животна средина. Образложението дека има претставници од општинската администрација, од комуналното претпријатие „Водовод“, од Министерството за внатрешни работи, од Центарот за социјални работи и од Советот на Општината, не ги убеди присутните граѓани дека ќе слушнат нешто што досега не било кажано во врска со решавањето на проблемот со депонирањето на отпадот и загадувањето на животната средина.
-Прво, темата на ова седење тука е комплетно промашена и лошо најавена. Второ, Надзорното тело вчера се собра инцидентно, значи имало ситуации и претходно во Владата кога се повикува во рок од три саати да стигне некој, повеќето од нас беа на работа, не можевме да стигнеме вчера. Требаше да имаме и координација со Општината како што разговаравме, дека треба се координираме кои се нивните ставови, кои се нашите ставови, кои се ставовите на Општината и да работиме заедно на оваа тема. Само можам едно да кажам, дека овој состанок нема смисла без Министерството за животна средина, нема потреба што да дискутираме, бидејќи сега моментално ги повторуваме истите работи што претходно ги повторивме, а нема кој да ни ги изложи од другата страна. Слушнавме неколку пати и од градоначалникот и претставникот што е испратен од Владата до нас, дека да има одлуки и веќе има нешто одлучено, ќе ве молам транспарентно да излезете, да продложиме да се бориме во битката заеднo, истакна Иван Мишев, член на Надзорното тело за справување со отпадот во Кочани.
-Ние мора да знаеме што сакаме и што бараме, а тоа што го сакаме го усвои Советот со 19 гласа „за“ од 19 присутни советници. Значи јасна е ситуацијата тука, самото тоа што нема присуство денеска на претставници од Министерство за животна средина, толку е муабетот. Значи, ние не можеме и не смееме на нив да им веруваме за било што да кажат, не пари да ни дадат, не проекти да ни дадат, не да ја завршат регионалната депонија, значи таму може да се случи да има жалба, бидејќи е меѓународен проект, да не се изгради регионалната депонија во Свети Николе, односно да има одложување на дејствието, после идат локални избори и ред други работи, може 5-6 години веќе да се одложи, свесни сме сите, истакна Венко Крстевски, член на Советот на Општина Кочани.
-Заради неприсуството на релевантните фактори што треба да дојдат, дали вие чувствувате некаков тип на деградација, на девалвација лично на вас со неприсуствувањето, непочитувањето на вашиот личен интегритет, што требаше да дојдат тука кај нас, да ја претставуваат Владата во наш интерес. Бидејќи вие сте наши претставници тука, не би сакал да делувам многу демагошки, но сметам дека треба да го сфатите малку повеќе лично. Тоа е тотална девалвација на вашата личност, истакна Стојан Глувчевски.
-Во Кривичниот законик на Македонија, од членот 218 па надолу се кривичните дела против загадување на животната средина и природата – екоцид. Чисто да ви кажам, еве некој го нарече професор, сигурно му предавал како професор, да каже за колку време застаруваат тие дела. Не следниот пат кога ќе се запали депонијата, туку за досега што гореше депонијата некој ќе одговара, а тоа нема да се тие кои денеска не се тука. Имајте предвид, Белани ги истровивте и сите надолу, некој спомна и подземни води, чисто да ви укажам во која насока ќе одат натаму дејствијата на граѓаните. Не протести, кривична ќе пуштиме, ќе бараме Судот со времена мерка да ја затвори депонијата, па да видиме. Првиот став на делото е затвор, се лежи од 4 до 10 години, ќе се нафати ли некоја на таква одговорност. И уште нешто ќе кажам, дозволете, од оваа вечер почнувам, ќе барам поддршка, правници, тимови адвокати и средства, ќе ја истераме оваа работа до крај, некој да понесе одговорност на крај, истакна присутен граѓанин на расправата.
По близу двочасовни дискусии и преполовен број од првично присутните граѓани, градоначалникот Љупчо Папазов укажа дека е неопходно да се согледа состојбата и активно да се дејствува во правец на решавање на проблемот според веќе почнатиот проект.
-Само со барања и убави дискусии и со штрајкови, депонијата нема да се реши. Ако конкретно не постапуваме, не одиме по патеката за отворање на регионалната депонија во Свети Николе, ако не добиеме нови возила за кои беше направена анкета од страна на ЕУ и од страна на надлежното министерство со каков возен парк располагаме во моментот и колку имаме потреба од нови возила, ако не добиеме средства да се справуваме со реалната ситуација, на терен самите, истакна Папазов.
Расправата немаше конкретна завршница со заклучоци и ставови, односно беше констатирано дека е потребно да се одржи нова средба на која ќе има и претставници од Министерството за животна средина.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.