Во рамки на програмата на Фестивалот на хумор и сатира „Ин Виница веритас“ синоќа во Домот на културата „Тошо Арсов“ се одржа традиционалната Вечер на македонскиот афоризам. Пред публиката во изложбениот салон на Домот се претставија неколкумина домашни афористичари, кои читаа свои афоризми на различни теми од секојдневното живеење.
На Вечерта беа изложени и збирки со афоризми и книжевни дела за кои како издавач се јавува Фестивалот, односно Домот на културата од Виница.

-Домот на културата „Тошо Арсов“ може да биде горд на сето она што го има постигнато во рамки на долгогодишното постоење на Фестивалот. Особено со тоа што сме единствената институција во државата, па можеби и пошироко, која се занимава со издавање на ваков вид книжевни дела. Овде имаме десет книги со македонски и светски афоризми, што се дел од едицијата „Балканска сатира“, истакна Благица Стојановска, директорка на Домот на културата „Тошо Арсов“.
Дружењето со афористичарите беше неконвенционално и пријателско, со духовити забелешки и коментари на афористичарот Миле Ѓоргијоски, кој ја имаше улогата на водител и промотор. Со свои актуелни афоризми присутните ги насмеаа и афористичарите Ленче Стоименова, Ружа Стојмилова и Јане Атанасов, а беше претставен и дел од работата на младата Софија Ситновска, која се јавува како илустратор на епиграми, чии дела ќе бидат претставени на изложба в четврток.

По Вечерта на македонски афоризам, во фоајето на Домот на културата беше отворена изложбата „10 години Импостер“ на која беа претставени официјалните плакати од досегашните десет изданија на „Ин Виница веритас“. Нивен автор е младата графичка дизајнерка Маријана Иванова од Виница, која искажа благодарност и задоволство што нејзиниот досегашен труд останува дел од историјата на Фестивалот.

-Кога се подготвувавме за оваа изложба, неизбежно беше да се навратам на моите први чекори овде, во Домот на културата, каде пред повеќе од петнаесет години сегашната директорка беше мој ментор во рамки на тогашните креативни работилници, што беа многу нестандардни и претставуваа голема инспирација за младите таленти во градот. Подоцна Фестивалот стана еден од моите први клиенти, ја презедов улогата на креатор на плакатот и оттогаш нашата соработка растеше. За мене овие плакати се како една временска капсула, која освен што служи за документирање на целата историја на Фестивалот, го покажуваат мојот раст како уметник и творец. Кога за првпат на едно место ги собрав овие десет дела, ги видов сите предизвици низ кои сум поминала за да стигнам до ова творештво и мило ми е што ќе останат овде како траен спомен на нашата долгогодишна соработка, истакна Иванова.

Фестивалот „Ин Виница веритас“ продолжува в понеделник со драмската комедија „Ти спиеш, тебе ти се спие“ на аматерскиот театар „Мирка Гинева“ од Демир Капија.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.