Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница од 5 до 10 октомвриќе биде центар на смеата, сатирата и театарската уметност како домаќин на овогодишното издание на фестивалот „In Vinica Veritas“.
Под покровителство на Министерството за култура и туризам, виничката публика ја очекува шестдневна културна рамка исполнета со театарски претстави, изложби, афоризми и забавни настапи.
Фестивалските случувања ќе започнат в понеделник, на 5 октомври, во 19 часот, со отворање на изложбата од конкурсот за карикатура и прогласување на најуспешните автори. Истата вечер, во 20 часот сценската програма ќе ја отвори кавадаречкиот театар при Домот на културата „Иван Мазов Климе“ со изведба на комедијата „Не се клади на Енглези“.

Вториот ден, 6 октомври, носи комбинација од едукација и литература. Утрото во 10 часот ќе започне со едукативни часови за афоризам и карикатура во виничките основни училишта, додека во 18 часот е закажана Вечерта на афоризми и поезија, каде што ќе бидат доделени наградите од конкурсот за сатирична поезија и ќе се промовираат книгите „Римувани драми“ и „Римувани епиграми“ од Миле Ѓорѓијоски.
Средината на работната недела, в среда на 7 октомври, им припаѓа на гостите од Струмица. Од 18 часот ќе биде изложена колекција карикатури од НУЦК „Антон Панов“, а во 20 часот струмичкиот театарски ансамбл ќе ја одигра претставата „Петок 13-ти“.
Четврток навечер, на 8 октомври, во 20 часот е резервиран за урнебесна забава со стендап комедијата „МЕНОПАУЗА“ во изведба на Тијана Дапчевиќ. Веќе следниот ден, во петок на 9 октомври во истиот термин, театарската палета продолжува со гостувањето на Театарот „Трајко Прокопиев“ од Куманово и нивната изведба на претставата „Смрт на погребот“.
Големото финале на фестивалот ќе се одржи в сабота, на 10 октомври. На свеченото затворање во 20 часот фестивалската завеса ќе ја спушти велешкиот Театар „Јордан Х. К. Џинот“ со популарната комедија „Вечера за глупаци“.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






