По двомесечната, летна пауза, во Кочани се одржа 14-тото издание на популарниот Паб квиз, кое постави нов рекорд со пријавени 22 екипи.
Настанот имаше и посебно меѓународно значење благодарение на присуството на специјалната гостинка, амбасадорката на Народна Република Кина, Нејзината Екселенција, Џианг Сјаојен. Во состав на кинеската делегација присуствуваше и секретарот на амбасадата, кој имаше активно учество како член на нивниот тим на квизот.

Натпреварувачкиот дел се одвиваше според препознатливиот формат во четири серии прашања, од кои првите три содржеа по 10 прашања, додека последната трета серија имаше 6 прашања со понудени одговори – А, Б и В.

По завршувањето на прашањата беа прогласени трите најдобри екипи, кои освоија парични награди од собраниот фонд за учество, како и ваучери од домаќинот, ирскиот паб „Гинис“. Првото место го освои тимот на „Мобилност“, второпласирани беа членовите на „Untouchables“, а на трето место се најде екипата „In Beetwinners“.

За пријатната атмосфера придонесоа и кинеските гости, кои донесоа традиционална храна за сите учесници на квизот.
Во своето обраќање пред присутните, амбасадорката Џианг Сјаојен упати честитки до организаторите, истакнувајќи го своето задоволство од престојот и од одличната атмосфера.

-Денеска бев во посета на фабрика за ориз, а потоа и на овошен насад со сливи. Тоа ми остави длабок впечаток и би сакала да му честитам на Јован Шоповски и на Академијата Кочани за организацијата на овој успешен настан. Уживав многу – имаше многу музика и многу забава. Се надевам дека кинеските прашања на квизот не ви беа премногу тешки и многу сум среќна што сум тука со сите вас. Се надевам дека во иднина ќе имам можност повторно да се дружиме. Кочани е многу добро познат во Кина. Всушност, знаеме дека тоа е најважниот регион за производство на ориз во Македонија, каде што се наоѓаат околу 95% од оризовите полиња во земјата. Неговиот висококвалитетен ориз е познат не само во Северна Македонија, туку и во регионот и во Кина. Во меѓувреме, Кина е исто така една од најраните цивилизации во светот што одгледувала ориз. Наша традиција и култура е да имаме ориз, а професорот Пинг, таткото на хибридниот ориз, им помогна на стотици милиони луѓе да се ослободат од гладот – не само во Кина, туку и во Африка и во многу неразвиени земји, рече амбасaдорката Сјаојен.
Амбасадорката ги истакна и досегашните успешни културни размени, меѓу кои наградите за децата од Кочани на меѓународна изложба за цртање во кинескиот град Вуши и учеството на млади во летен камп во Кина. Дополнително, таа најави дека во рамките на Првиот фестивал на кинески филм, на 13 октомври во Библиотеката во Кочани ќе се прикажуваат кинески кратки филмови.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






