По повод 80 години од ослободувањето на Виница, се реализира петдневна културно-уметничка програма.
Централниот настан со музички хепенинг се одржа синоќа на плоштадот „Ангел Винички“, каде присуствуваа поголем број граѓани од општината и пошироко.
Градоначалникот Миле Петков рече дека настаните од програмата, што ја подготви Локалната самоуправа, се одржуваат на различни локациии.
-Започнавме на големиот празник Успение на Пресвета Богородица со настани во селото Блатец, кое е ослободено на тој ден. Продолживме во Јакимово на празникот Свети Јоаким Осоговски, каде што иста така имаше пригодна програма. Централниот настан, со богата програма почна со настапот на брендот на Истибања, фолклорниот ансамбл „Китка“, а потоа продолживме и со музика за најмладите. Имаше настап на рок група, како и на музичката ѕвезда Влатко Лозановски. Ова е голем настан за Виница на задоволство на сите генерации, истакна Петков.
Виница во Втората светска војна учествувала со 950 борци, од кои 104 се жртви. Четвртата Македонска бригада на 30. август 1944 година во раните утрински часови се спуштила од Плачковица и извршила напад за ослободување, а бугарските полицајци побегнале во Кочани. Бригадата дошла во центарот на Виница каде што била пречекана од многуброен народ, кој цел ден ја славел слободата со музика, песни и ора.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.