Опсежното теренско истражување во кое беа опфатени 545 жени и девојки во општините Виница, Делчево и Штип ги покажа најкритичните локални проблеми со кои се соочуваат припадничките на понежниот пол во нивното секојдневие.
Резултатите од анкетните прашалници и теренските консултации покажаа дека комуналните и инфраструктурните прашања имаат директно влијание врз квалитетот на животот и безбедноста на жените.

Помеѓу 80 и 96 отсто од жените во Делчево и Виница истакнаа барања поврзани со подобрување на јавната хигиена и соодветно управување со отпадот.
Над 80 отсто од жените во поголем број села во Виница и Делчево се соочуваат со ограничена мобилност и бараат воспоставување редовен јавен превоз за пристап до работни места, здравствени и образовни установи.
Помеѓу 70 и 85 отсто од анкетираните жени во повеќе маала и села посочија дека недостатокот или оштетеноста на јавното осветлување создава чувство на небезбедност во ноќните часови.

Покрај овие клучни области, истражувањето лоцираше потреба од уредување на пристапни паркинг места и пешачки премини за лица со попреченост и мајки со деца, заштита и поддршка за жртви на родово базирано насилство, социјални услуги за нега на стари лица во домот, како и одржливи решенија за бездомните кучиња.
Собраните податоци послужија како основа за дефинирање на девет конкретни родово-буџетски иницијативи – по три за секоја од трите општини. Преку реализација на три локални граѓански форуми со 114 учесници, од кои 91 жена и опфаќање на над 400 граѓани преку отворени денови и работилници, овие барања беа формално преточени во предлог-мерки.

Истражувањето беше реализирано како дел од проектот „Преку женски активизам и граѓански иницијативи до родово инклузивни и одговорни општини“, спроведуван од здруженијата „Гласен Текстилец“ – Штип, ЕХО – Штип и ИНИ – Виница, со поддршка на Цивика мобилитас и Владата на Швајцарија.
Процесот резултираше со потпишување меморандуми за соработка и воспоставување структуриран дијалог со општинските администрации во Штип, Виница и Делчево, со цел родовата перспектива да стане составен дел од локалното планирање и буџетирање. Клучните резултати и иницијативи беа официјално денеска претставени пред јавноста и локалните власти на завршниот настан „Гласот на жените во општинскиот буџет“ во Виница.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






