Бронзен медал освои деветоодделенецот Владимир Грчев од Кочани на 8. Европска олимпијада по информатика за јуниори, што од 16 до 22 август се одржа во Кишињев, главниот град на Молдавија. На натпреварот учествуваа 26 екипи од исто толку европски земји, со вкупно 104 натпреварувачи.
Успехот на Грчев е уште поголем ако се знае дека освен големата конкуренција, му недостасувале само 12 поени за да се пласира на второто место и да го освои сребрениот медал. Со ова тој го потврдува добриот резултат што го оствари на Балканската јуниорска олимпијада по информатика, на која исто така освои бронзен медал, заостанувајќи 12 поени зад освојувачот на сребрениот медал.
Владимир Грчев, заедно со учениците Бисера Илиева, Марко Кренков и Никола Стојковски, беше дел од четиричлената македонска јуниорска екипа што ја предовдеа Владислав Бидиков и Иван Занов од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
Дополнително признание за успехот на нашиот натпреварувач е што, иако сè уште е во основно образование, тој ќе биде дел од македоснкиот тимот на Балканската олимпијада по информатика за средношколци, што ќе се одржи идниот месец.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.