Во прекин е собирањето на комуналниот отпад од контејнерите во општина Кочани поради дефект на хидрауличната пумпа на специјалното возило за собирање и транспорт на ѓубрето.
Од КЈП „Водовод“ во писмено известување велат дека активно се работи на сервисирање на возилото, а истото се очекува да биде санирано во наредните денови.
Проблемот е настанат поради исфрлен градежен шут во некои од контејнерите, а по поправката ќе продолжи нормалното фунционирање и собирањето на отпадот, при што тоа ќе се одвива според претходно утврдениот распоред.
Фрлањето кабаст отпад и градежен шут на јавни површини е спротивно на Законот за управување со отпад и се казнува со 60 евра во денарска противвредност. Од Инспекторатот за животна средина се бара повеќе контроли за граѓаните да бидат повнимателни каде го фрлаат тешкиот и градежниот отпад.
Од „Водовод“ апелираат до сите жители совесно да се однесуваат кон животната средина и отпадот да го одлагаат на соодветните обележани места, а потсетуваат и дека контејнерите се наменети за комунален отпад и други видови на неопасен и инертен отпад од домаќинствата.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.