Домот на културата „Тошо Арсов“ од Виница вечерва беше домаќин на 54. Државен фестивал за непрофесионален (аматерски) филм на Македонија, чии организатори се Кино сојузот и Народна техника на Македонија, со финансиска поддршка од Агенцијата за филм.
Во кино салата на Домот беа прикажани наградените филмови во пет различни категории – документарен, краток игран, експериментален, анимиран и едноминутен филм, чии автори се од различна возраст, а од хоби или посериозно се занимаваат со филмска дејност.

Од име на општината домаќин, учесниците и гостите на фестивалот ги поздрави градоначалникот на Виница, Миле Петков и го прогласи за отворен.
-Вечерва сме тука заедно да уживаме во креативноста и трудот на талентирани автори, кои и покрај ограничените ресурси создаваат дела кои зборуваат со душа, инспирираат и оставаат впечаток. Овој фестивал, кој веќе половина век ја поттикнува и негува љубовта кон филмот, е значаен културен настан, не само за филмската сцена, туку и за локалната заедница. Ние како домаќини сме горди што можеме да бидеме дел од овој процес на афирмација, соработка и поддршка на новите имиња во македонската кинематографија. Ги поздравувам сите автори што се претставуваат вечерва и се надевам дека оваа проекција ќе ги поттикне и младите од нашата општина да се охрабрат, да создаваат, да снимаат и да сонуваат преку филмот, истакна Петков.

Во рамки на фестивалот, најдобрите добиваат признанија, односно златен, сребрен и бронзен медал за филм и златни медали за авторите.
Дел од наградените аматерски филмови ќе ја претставуваат Македонија на Светскиот фестивал за непрофесионален филм УНИКА 2026 година, што на крајот на август и почетокот на септември идната година ќе се одржи во Лугано, Швајцарија.


©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






