Рибниот фонд на акумулацијата Гратче денеска беше збогатен со уште 185 килограми подмладок од крап, што беше пуштен во водите на езерото.
Заедно со членови на спортско-риболовното здружение „Кочански рибар“, на порибувањето присуствуваа и дополнителниот заменик министер за земјоделство Цветан Трипуновски, кандидатите за пратеници од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки и Миле Лефков и градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов.
– Извршивме порибување со 185 килограми подмладок на крап што е обезбеден од репроцентарот „Акватика“ којшто исто така поседува и здравствен сертификат . Во присуство на инспекторот беше порибена оваа оваа акумулација, што ќе значи зачувување на рибниот фонд и одржување на екосистемот во езерото. Тоа ќе придонесе за одржување на рекреативен риболов и на сето она што значи љубов кон рибарството. Ваквите порибувања во иднина ќе бидат и на другите акумулации се со цел задржување на рибниот фонд во Република Македонија, истакна Трипуновски.
Од СРЗ „Кочански рибар“ упатија потсетување со риболовците дека актуелна е забраната за риболов, односно да се почитуваат правилата за риболов, а рибата да не се лови додека не ја достигне потребната тежина.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.