Жално и парадоксално е што и по десет дена од катастрофата во „Пулс“ во Кочани сѐ уште не се одржа комеморација за загинатите.
Прашање е дали некој од надлежните досега помислил на тоа, а уште повеќе дали локалната власт може да ја реализира со оглед на секојдневните инспекциски претреси и контроли. Дополнително, по оставката, а потоа и притворот за првиот човек на Општината, таа е е обезглавена и како да работи стихијно.

За да биде ситуацијата уште полоша, наместо да помага, Собранието на РС Македонија си зеде одмор. Четиринаесет дена нема да заседаваат народните избраници.
А Кочани тлее. Чадот и пламенот – од кој загинаа 59 лица, еден почина како последица од интервенциите и 115 се повредени – не се згаснати. Целата кочанска и македонска јавност е потоната во тага.

Наместо да помогнат институционално, македонските пратеници, оти тие се Собранието, како да не се чувствуваат повикани да дадат придонес, како да немаат надлежност во целата состојба. Тие ќе паузираат две седмици.
По трагедијата, единствениот кочански пратеник Миле Лефков, се огласи вчера, дека неговата канцеларија за средби со граѓаните е отворена, за помош, поддршка! Во ред, така треба. Така и мора!

Канал 8 вчера ја посети пратеничката канцеларија, сместена зад општинската зграда и се увери дека е отворена. Во моментот немаше граѓани што сакаат да разговараат или да побараат помош од него. Моментот бил таков, можеби…
Но, зарем не е вистинско време тој да биде оној што ќе организира комеморација за загинатите во несреќата? И онака Општината е без градоначалник, обезглавена. И онака е полна со инспекции и полиција. Може ли?!

И уште еден предлог од Канал 8: Пратениците од Собранието на РС Македонија да ги донираат своите плати и патни трошоци за март 2025 година за да се изгради АЛЕЈА НА МЛАДОСТА во Кочани. Ако не знаат каде и како, јавноста може да им помогне со идеи!

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.