На 28 септември годинава во Градец ќе се одржи вториот „Лапа фест“ чиј организатор е истоименото граѓанско здружение од ова виничко село.
Главна цел на манифестацијата е промовирање на лапата, како еден од најкарактеристичните кулинарски специјалитети во кочанскиот и виничкиот регион, во кои доминантна земјоделска култура е оризот.
Организаторите велат дека со оглед на летниот период што претстои, кога поради годишните одмори активностите се намалени, подготовките за одржување на фестивалот се почнати уште отсега.

-Првиот „Лапа фест“ се одржа минатата година на 17 ноември, кога во Градец се одбележува славата на црквата „Св. Пророк Илија“. Годинава манифестацијата ќе биде околу два месеца порано, а ќе се одржи на истото место, односно на просторот кај црквата и основното училиште. Сакаме за специјалитетот лапа да дознаат што повеќе луѓе од државата и пошироко, со оглед што тоа е јадење кое се подготвува само во овој регион. Освен од Македонија, ќе има и гости од Србија, а во музичко-забавниот дел веќе е најавено учеството на фолклорни друштва од Кочани, Македонска Каменица и од нашето село, а можат да се пријават и други. На фестивалот ќе се одржи и натпревар во подготвување лапа, при што учесниците ќе бидат оценувани од стручно жири составено од готвачи, а најдобрите ќе добијат и награди, истакна Јасенка Ѓоргиевски од Здружението „Лапа фест“ – Градец.
Од Здружението „Лапа фест“ додаваат дека со организирањето на манифестацијата се зачувува симболот, коренот, идентитетот и историјата на луѓето од овој крај.

-Иако се подготвува од едноставни, но благородни состојки – ориз и афион, лапата е повеќе од јадење, затоа што во себе го носи генот македонски. Преку фестивалот сакаме да ја зачуваме, негуваме и промовираме традицијата. Старите македонски јадења, освен што се дел од нашата историја, претставуваат и квалитетна, природна и здрава храна. Дополнително, со „Лапа фест“ ја промовираме и културата и природата на овдешната рурална средина, додаваат од Здружението.

Со оглед што манифестацијата ја организира граѓанско здружение, кое не располага со големи финансиски средства, од „Лапа фест“ ги повикуваат сите општествено-одговорни компании и институции од регионот да помогнат со донации. Контактот со организаторите може да се оствари преку електронска пошта на адресата: lapafest.gr@gmail.com.
ЛАПА е специјалитет од ориз, вода, сол и афионово семе, а карактеристично за подготовката е што се користат скршени оризови зрна (уфак) што овозможува, по варењето, оризот воопшто да не се забележува, односно се добива еднолична смеса.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.