Со двочасовна блокада на магистралниот пат кон Берово, жителите на село Блатец денеска го изразија својот револт против најавената изградба на мини хидроцентрала на реката Блатешница. Протестот, кој трае веќе со години, доби силна поддршка од локалната самоуправа и граѓанскиот сектор, со порака дека водата е живот кој не смее да биде заложен за бизнис интереси.
Претставникот на иницијативниот одбор, Блаже Анакиевски, истакна дека ова не е нов проблем, туку децениска борба на мештаните за зачувување на нивните природни ресурси.
„Протестот трае веќе десет години… тоа е 3.700 дена континуирана борба на овие граѓани и сите поддржувачи. Пораката е до надлежните институции кои ја издале оваа концесија – тој што ја издал, треба и да ја поништи за да можеме да продолжиме со нормални активности. Десет години мака мачиме и не сме концентрирани на ништо друго освен на овој проблем, рече Анакиевски.

Поддршка на протестот даде и Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“. Претседателот Драги Змијанац потенцираше дека загрозувањето на животната средина е директен напад врз иднината на најмладите.
-Водата е за целиот народ, посебно за младите. Децата имаат право да користат природни ресурси, чиста вода и чист воздух. Даваме поддршка да не се загадува околината и да не се нарушува правото на елементарен живот. Сите кои го нарушуваат тоа, ќе се судрат со законите во Македонија, истакна Змијанац.
Градоначалникот на Виница, Митко Костадиновски се појави на блокадата за да ја потврди цврстата поддршка од општината, најавувајќи конкретни чекори во министерствата.

-Јас лично како човек, а потоа и како градоначалник, давам огромна поддршка на овие протести. Мора да ја зачуваме животната средина и водите во Блатец. Оваа концесија мислам дека треба да биде поништена. Веќе интервениравме во министерствата, имавме состаноци минатиот вторник и четврток, и се надевам дека од понеделник проблемот ќе почне да се решава, рече градоначалникот Костадиновски.
Жителите на Блатец најавија дека ќе останат на барикадите и дека нема да дозволат градежна механизација да се приближи до реката сè додека концесијата не биде и официјално поништена.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






