Покрај стражарската служба, што во моментот ја извршуваат вработени во КЈП „Водовод“, да се избере и давател на услуга за приватно обезбедување на депонијата, како и да отпочне постапка за избор на оператор кој ќе врши третман на отпадот – се два од петте заклучоци што ги изгласа Советот на Општина Кочани, на денешната 52. седница на која, како прва точка од дневниот ред, се разгледуваше информација за состојбата со депонијата кај Бели.
Советниците дадоа поддршка и на заклучокот да се отпочне со поставување ограда околу депонијата, како и да се планираат средства во буџетот на Општината за 2025 година за набавка на соодветно возило за третман на отпадот на депонијата.
Во дискусиите на советниците главно преовладуваа забелешки за досегашната состојба со депонијата и нерешавањето на проблемот со загадувањето на воздухот и околината каде таа се наоѓа. Притоа, се појави разлика во ставовите дали да се бара услуга од оператор кој ќе го уредува теренот на депонијата или Општината да обезбеди средства за да се набави машина за таквиот вид работи, а чија вредност се проценува на над 300 илјади евра.

-Во консултации со лица од „Водовод“ и од кај нас, мислиме дека е подобро да се обезбеди оператор кој ќе го третира отпадот, отколку да се обезбедуваат средства за да се набави возило што ќе биде отстапено на комуналното претпријатие и тоа да продолжи со работа. Беше изнесено мислење дека за некое постара машина за буткање на отпадот ќе биде потребен одреден износ на финансиски срдства, а тоа ќе биде за старо возило кај кое може да се случуваат дефекти, па повторно да биде неефикасно третирањето, истакна Драган Ананиев, секретар на Општина Кочани.
-Проблем е што се донесува ѓубрето од другите општини и мене ме загрижува индолентноста на градоначалникот. Не велам дека по тие правни лавиринти и институции вие не комуницирате со централната власт, но меѓутоа вие мора да искочите со народот на дневно ниво и да известувате какви одговори добивате од Министерството за животна средина. Значи, број еден одговорност е таму и исто и кај МВР. Не може таму да има 50-60 лица кои палат ѓубре, без разлика каде и да се пали тој отпад е проблем, меѓутоа последниот пат јас бев на лице место и факт е дека депонијата е запалена стратешки, со фрлање на бензин затоа што огнот беше од надвор. Ми беше кажано дека е невозможно да се постави ограда, но ако Општината нема капацитет финансиски за тоа, може државата, истакна Венко Крстевски, член на Советот на Општина Кочани.
-Се труеме континуирано, затоа што ние и пред вишокот на ѓубре имавме проблем, а сега тој ескалираше премногу за да може на какво било начин да се потпикнува под ќилимче, како што се потпикнувал со години пред тоа, истакна Жаклина Филипова Свеќароска, член на Советот на Општина Кочани.
-Ќе поставам прашање до директорката на „Водовод“ и до Општината што се случи со претходното возило на депонијата. Имаше пожар, како дојде до пожарот, каде се деловите од возилото, многу чудни работи се случија со тоа возило. Голема финансиска загуба за „Водовод“ и мислам дека една од причините за која дојдопвме до оваа ситуација е што „Водовод“ го изгуби возилото за буткање, рече Томе Солевски, член на Советот на Општина Кочани.
-Со службите на Општината бевме во Министерството за животна средина и таму информираа дека тендерот за регионалната депонија е распишан на 18 октомври. Не тврдам, немам писмено, ама нивниот одговор беше таков. Кога прашавме отприлика временски кога може да очекуваме тоа да профункционира, ни беше даден одговор дека две години од сега ќе треба за изградбата и за таа депонија да профункционира, по што можеме да се надеваме целосно систематски ѓубрето да оди директно таму, во близина на Свети Николе. Се согласувам со сите говорници, тоа не е причина ние да го одложиме проблемот и да се надеваме само на изградбата на таа депонија, мора да го мислиме периодот до изградбата на регионалната депонија, како ќе се решава овој горчлив проблем на граѓаните на Кочани, истакна Мирче Стојков, член на Советот на Општина Кочани.

После овие дискусии имаше десетминутна пауза на која по координација меѓу советничките групи беа изнесени заедничките предлог-заклучоци.
-Прво, обезбедување на просторот. Тоа подразбира приватно обезбедување. Страарската служба на „Водовод“ да остане. Второ, започнување со оградување на просторот. Трето – бидејќи во консултации со стручните служби утврдивме дека релативно за овој краток период во ребалансот на буџетот не можеме да обезбедиме доволно средства за возило што ни е потребно, да се оди со избор на оператор и да се почне со тендерската постапка уште веднаш, рече Ивица Лазаров, член на Советот на Општина Кочани.
Советничката Кристина Атанасова Арсова, ги дополни заклучоците со предлог и другите општини кои го исфралаат отпадот во Кочани да имаат финансиско учество во решавањето на состојбата со депонијата.
-Нехумано е да се користат средствата само од граѓаните на општина Кочани, бидејќи оваа депонија во моментот не ги извршува обврските само на граѓаните на општината. Затоа сметам дека овде треба да се дополни – и другите општини да учествуваат во креирање на своите буџети за 2025 година, бидејќи тие сега мирно спијат, а ние не спиеме мирно, истакна Атанасова Арсова.
На крајот од расправата по информацијата, петте заклучоци добија едногласна поддршка од сите 19 советници.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.