Недоволна е вклученоста и застапеноста на општина Кочани во проектите на Центарот за развој на Источниот плански регион, иако со процентуалното учество според бројот на населението и површината е меѓу поголемите, беше оценето на последната седница на Советот на Општината.
При разгледувањето на Годишниот извештај за спроведување на Програмата за развој на регионот за 2023 година, советниците излегоа со забелешки во однос на распределбата на средствата што се наменети за реализација на инфраструктурни и комунални инвестиции на локално ниво.
– Нас нè интересира конкретно за 2023 година во што се состои помошта од Источниот плански регион за општина Кочани, во кои проекти е вклучена и каква е финансиската рамка, праша советникот Мирче Стојков.
– Може ли да добиеме информација колку проекти се доделени од Источниот плански регион на општина Кочани и на што се должи тоа, бидејќи во материјалите видов дека тоа е многу малку. Дали тоа се должи на тромоста на администрацијата во Општината, додаде советничката Ивана Максимова.
– Проектот, што беше инициран тука на седница, за изградба на регионален центар за третирање на кучиња скитници е влезен во планот за 2023/24 година со предвидени 4,9 милиони денари обезбедени од УНДП, до каде е неговата реализација, затоа што на видело ништо не се гледа, а 2024 година е веќе преполовена, истакна советничката Жаклина Филипова Свеќароска.
Претставник на Центарот за развој на Источниот плански регион даде образложенија во врска со прашањата од советниците, при што дополнителна полемика имаше околу планиранат изградба на регионален стационар за бездомни кучиња.

-Минатата година аплициравме до УНДП за центарот за кучињата скитници и за жал или за среќа сме први на резервната листа. Не ги добивме парите, но се надеваме дека ќе ги добиеме. Сите сакаме да има собирен центар, но ако студијата покаже дека тој треба да биде во Кочани, дали ќе се согласите сите кучиња од Источниот регион да се носат овде, затоа што има и некои законски рамки, да биде оддалечен на 50 километри до сите. Како би реагирале? Договорот ќе биде потпишан, студијата ќе покаже каде ќе биде лоциран, но хипотетички прашав дали се согласувате да биде во Кочани, истакна Емил Василев, координатор за регионален развој во Центар за развој на Источен плански регион.
Во однос на проектите со кои се поддржува развојот на општина Кочани, Василев додаде дека распределбата на средствата со кои располага Центарот за развој се прави транспарентно.

-Ние имаме буџет од околу 50 милиони денари што ги добиваме од државата, односно од Бирото за регионален развој и тие се распределуваат преку форуми на заедниците, на кои учествуваат сите општини. Предложените проекти се рангираат, се прават апликации за нив и во Бирото ги оценуваат. Колку процентуално е за Кочани не можам да ви кажам, додаде Василев.
-Според дискусијата заклучуваме дека недоволно проекти се одделуваат за Кочани и во име на сите советници ќе побарам да пренесете во Источниот плански регион за повеќе внимание кон општина Кочани. Во врска со стационарот за кучиња, ако е направен како што треба, модерен центар, ограден, со боксови и сè што треба, да е на вистинска локација, не гледам проблем да биде во Кочани, истакна советникот Ивица Лазаров.
По получасовните дискусии на седницата на Советот на Општина Кочани, со 9 гласа „за“ и 1 глас „против“ Годишниот извештај за работењето на Центарот за развој на ИПР не доби поддршка од советниците.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.