Проблемите за жителите на Блатец со најавената изградба на мини хидроцентралата на реката Блатешница продолжуваат откако на седница на Владата, што се одржа во почетокот на октомври годинава, им е продолжен рокот на концесионерите до 7 март идната година.
Месната заедница на Блатец иницираше состанок на кој е истакнато дека жителите треба повторно да се мобилизираат под паролата „Стоп за градба на хидроцентрала на реката Блатешница“ и да продолжат со нивната борба која трае веќе десетина години за укинување на оваа концесија.

Во изминатата една деценија во секоја прилика и секаде каде што е можно тие ја запознаваа јавноста и алармираа за штетноста од хидроцентралата што треба да се гради, а на терен со активни блокади не дозволуваа отпочнување на градежните активности. Паралелно, битката ја водат и низ правосудниот систем на државата со поднесување жалби, тужби и сѐ што може да придонесе за стопирање и поништување на концесијата.

-По оваа најнова ситуација жителите на Блатец уште еднаш решително и недвосмислено тргнаа во одбрана и зачувување на реката Блатешница и повторно јавно и гласно кажуваат дека изградбата на хидроцентралата ќе има далекусежни, катастрофално штетни последици, најпрво во водоснабдувањето со вода за пиење од зафат изграден на реката. Дел од каналите за наводнување ќе останат без вода, подземните извори кои по должината на реката ги напојуваат селските чешми ќе пресушат. Речното корито и целиот биодиверзитет во и околу него ќе доживее еколошка катастрофа како резултат на пресушување на реката, затоа што цевководот што треба да биде изграден за хидроцентралата во должина од 3 километри ќе ја стави целата река во цевки. Од овие причини, за да се спречи уште една несогледлива еколошка катастрофа и уништување на едно од најубавите планински речни корита и рибниот фонд во него, повторно застануваме во одбрана на овие природни благодети и неотуѓивото право за користење на вода за пиење. И јасно порачуваме, ние жителите на Блатец како никогаш по обединети, цврсто стоевме досега, а отсега уште поцврсто и ќе опстоиме во одбрана се додека државата не ја укине и трајно поништи концесијата, истакнуваат од Месната заедница Блатец.
Жителите на селото упатуваат јавен апел до сите оние кои на каков било начин сакаат и можат да им помогнат, дека секогаш се добредојдени. Притоа ќе ги продолжат блокадите и дежурствата и нема да дозволат еколошка катастрофа со изградбата на најавениот објект.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






