Иницијативата „За чисто Блатец“ денеска организираше блокада на пристапниот пат кон реката Блатешница, на местото каде е најавена изградба на мини хидроцентрала.
Со тоа се остварија заложбите на Месната заедница која уште на крајот на минатата година најави дека под паролата „Стоп за градба на хидроцентрала на реката Блатешница“ жителите ќе се мобилизираат и ќе ја продолжат борбата што трае веќе десетина години, а со која бараат укинување на концесијата што му е дадена на инвеститорот за изградба на објектот.
Жителите излегоа со трактори и го блокираа пристапот за градежната механизација која требало да почне со расчистување на теренот.

-Дојдоа тивко, си заминаа гласно. Се мобилизиравме за кратко време и направивме блокада. Дијалог имаше, договор – не. Патот кон Бел Камен е блокиран, а ова беше еден поинаков Свети Трифун. Екипата на „За Чисто Блатец“ е секогаш спремна! Блатец не е на продажба, истакнаа организаторите на протестот.
Блокадата на патот остана и до доцните попладневни часови, како и во текот на вечерта до пред полноќ. Жителите порачаа дека се сложни, силни и дека нема да дозволат изградба на хидроцентрала.

-Ни силниот дожд не нè спречи да излеземе и да дадеме до знаење – нема да ви помине, нагласија жителите на Блатец.
Причина за протестот и блокадата е што блатчани сметаат дека изградбата на хидроцентралата ќе има далекусежни, катастрофално штетни последици, најпрво во снабдувањето со вода за пиење од зафатот изграден на реката. Дел од каналите за наводнување ќе останат без вода, подземните извори кои по должината на реката ги напојуваат селските чешми ќе пресушат. Исто така, сметаат дека речното корито и целиот биодиверзитет во и околу него ќе доживее еколошка катастрофа како резултат на пресушување на реката, затоа што цевководот што треба да биде изграден за хидроцентралата во должина од 3 километри ќе ја стави целата река во цевки.
Присутните на блокадата порачаа дека ќе опстојат во одбраната сè додека државата не ја укине и трајно не ја поништи концесијата. Притоа ќе ги продолжат блокадите и дежурствата и нема да дозволат еколошка катастрофа со изградба на најавениот објект.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






