Со комичното стендап шоу на Надица Петрова во салата на Домот на културата „Тошо Арсов“ синоќа беше затворен 17. Фестивал на хумор и сатира “Ин Виница веритас“.
Манифестацијата која е препознатлив културен белег за Виница, во изминатите пет фестивалски денови донесе повеќе различни содржини на задоволство на публиката.

Ведриот дух на Фестивалот беше пренесен со изведбата на три театарски комедии, изложбата на карикатури од меѓународниот конкурс, потоа со афористичка вечер, омаж за карикатуристите Јордан Поп Илиев и Никола Ангеловски, а се одржаа работилница и едукативни часови по афоризам и карикатура за учениците од основните училишта. Исто така, имаше и два стендап настапа на Дејан Малзарков и Надица Петрова.
-Со гордост можеме да кажеме дека зад нас оставаме денови исполнети со многу насмевки, аплаузи, одлични изведби и изложби на карикатури, сатирични работилници за учениците, и нови договори за идни соработки. Ви благодариме на сите што бевте дел од оваа убава приказна – на актерите, карикатуристите, на нашите соработници, поддржувачи и, секако, на публиката без која овој фестивал не би имал душа. Но, ние не застануваме овде – за само десетина дена повторно ќе се сретнеме тука, во Сината сала, на нова театарска премиера, и нова изложба на карикатури, за уште едно последователно фестивалско уметничко доживување. Со тоа, дозволете ми, свечено да го прогласам фестивалот „In Vinica Veritas 2025“ за затворен, истакна Александра Давиткова, директорка на ДК „Тошо Арсов“ – Виница.

На затворањето на Фестивалот со кратка музичка програма настапија млади талентирани музичари од Виница и Школата за гитара при Домот на културата, а на сцената беа прочитани и актуелни афоризми од светски и домашни афористичари.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






