Загаденоста на воздухот поради присуство на неколкукратно повисоки концентрации на штетни честички денеска ја стави Кочанската Котлина на прво место во државата.
Според податоците од мерните станици Индексот за квалитетот на воздухот (AQI) во текот на денот достигна просечна вредност од 180, што е четирикратно повисок износ од меѓународно прифатените вредности.

Најголемо присуство е измерено кај ПМ2,5 честичките чие ниво меѓу 18 и 19 часот вечерва достигна 151,2 микрограми на кубен метар што се смета за многу нездрава количина. Всушност тие се главните загадувачи на воздухот, а предизвикани се од горење на органски и неоргански материи, во случајот – стрништата и сламата во оризовите полиња. Според одредбите од Светската здравствена организација, максималните количини на ПМ2,5 суспендирани честички во воздухот не треба да надминуваат 15 микрограми на кубен метар во текот на 24 часа.

Присуството на азот диоксид е измерено на ниво од 8,4 микрограми на кубен метар, што е во границите на прифатливите вредности. Слична е состојбата и со озонот чија максимална вредност достигна 14 микрограми на кубен метар.
Освен во Кочани, висока загаденост на воздухот денеска беше измерена и во Скопје, Струмица, Тетово и Гостивар.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






