По повод 85-годишнината од почетокот на македонското востание, градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов со делегации од Советот на Општина Кочани, претставници на Сојузот на здружението на борците од НОВ и на општински партиски ограноци, положија свежо цвеќе и оддадоа почит на жртвите за слободна Македонија на Споменикот на слободата и на бистите на Љупчо Сантов и Раде Кратовче во Паркот на Револуцијата.
Градоначалникот Грозданов упати празнична честитка во која го истакна значењето на 11 Октомври за самобитноста и самостојноста на македонскиот народ и придонесот на Македонија во победата над фашизмот во Втората светска војна.
– Пред 85 години со нападот на полициските участоци, нашите предци не само што го покажаа отпорот и визијата за нашата држава, тие го трасираа патот што го живееме денес, тоа е самостојна, суверена и независна Македонија, во која самостојно ги креираме политиките, животот и иднината. Денес им оддаваме почит и ја носиме обврската да го продолжиме патот за поубава иднина. Нека ни е вечна Македонија и честит празникот, рече градоначалникот Грозданов.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.





