Со оддавање почит на загинатите борци и потсетување на историското значење на народноослободителната борба, Сојузот на здруженијата на борците од НОАВМ 1941-1945 и продолжувачите на револуционерните традиции, како и Здружението „Јосип Броз Тито“ од Кочани го честитаа и одбележаа 11 Октомври – Денот на сенародното востание на македонскиот народ.
По тој повод, членови на двете здруженија положија свежо цвеќе на Споменикот на слободата и спомен-обележјата во Паркот на Револуцијата во Кочани, оддавајќи им почит на сите учесници во вооруженото антифашистичко и народноослободително востание.

-Денот 11 Октомври го означува почетокот на борбата против фашизмот и ослободувањето на македонскиот народ пред 85 години. Преку овој непокор, нашиот народ застана на страната на антихитлеровската коалиција и го започна својот пат кон слободата и конституирањето на сопствена држава. Од скромните партизански одреди постепено се разви народноослободителната македонска војска, која во завршните операции броеше околу 85.000 припадници организирани во 7 дивизии и 3 корпуси, меѓу кои и околу 10.000 борци и заднински соработници од Егејскиот и Пиринскиот дел на Македонија. За победата над фашизмот, македонскиот народ даде околу 25.000 загинати борци и жртви на фашистичкиот терор, а од Кочани и Кочанско во олтарот на слободата своите животи ги вградија 100 борци, рекоа од Здружението Сојуз на здруженијата на борците од НОАВМ 1941-1945
Од Здружението истакнаа дека 11 Октомври е симбол на македонската борба за слобода и дека останува трајна должност и обврска да се чува придобивката за која беа положени човечки животи, упатувајќи честитка до сите граѓани по повод празникот.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.





