Одделението за внатрешни работи – Кочани во текот на 2025 година регистрирало тренд на значително намалување на учеството на децата во севкупниот криминал, кое изнесува 6 отсто во споредба со 12 отсто во претходната година. Иако вкупниот број на кривични дела на подрачјето е во пораст, кај малолетничката деликвенција е забележан пад од 39 отсто.
Најголемиот дел од извршените дела од страна на деца се од областа на имотниот криминал. Притоа, тешките кражби остануваат најдоминантни со 22 случаи, иако нивниот број е речиси преполовен во однос на 2024 година, кога имало 39 случаи.

Загрижувачки е порастот на кривичните дела „Насилство врз дете“, каде малолетници се јавуваат како сторители во 8 случаи, наспроти 3 во 2024 година. Во областите на недозволена трговија со дрога, оружје и организиран криминал не се регистрирани малолетни извршители во текот на извештајната година.
Статистиката покажува дека од вкупно 14 пријавени деца сторители, сите биле на возраст над 14 години. Сепак, се појавуваат 6 деца како повторници кои извршиле три или повеќе кривични дела.

Наспроти падот кај кривичните дела, податоците за сообраќајот се алармантни. Бројот на деца прекршители во сообраќајот е зголемен за три пати, со вкупно 82 сторени прекршоци. Најчестите прекршувања вклучуваат неносење заштитна кацига во 29 случаи, возење мопед без возачка потврда со 24 случаи и управување моторно возило без важечка дозвола во 11 случаи.
Согласно Законот за правда на децата, за децата над 14 години по правило не се поведува судска постапка за да се избегне штетно влијание врз нивниот развој, освен за тешки кривични дела со казна затвор над три години. ОВР – Кочани редовно соработува со Центарот за социјална работа и спроведува бројни едукативни кампањи фокусирани на безбедноста во сообраќајот, превенција од дрога и алкохол, како и безбедно прославување на матурите.
Интересен е податокот дека во текот на 2025 година, при контроли на угостителски објекти, не е откриен нитуеден случај на присуство на малолетници по 24 часот.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






