Зголемените приходи од околу 9 отсто и рационализирањето на дел од расходите во Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ овозможиле во периодот од почетокот на јануари до крајот на јуни годинава да се намалат вкупните трошоци во работењето за околу една третина во однос на целата 2024 година.
Сумирањето на финансиското работење лани покажало загуба од 22,6 милиони денари, а на крајот од првото полугодие од 2025 година износот е намален на 15,8 милиони денари.
Пораст на приходите се регистрирани во неколку сектори, при што најголема позитивна разлика оствариле работните единици „Водовод и канализација“ и „Комунална хигиена“ каде има пораст за 3,3 милиони, односно 4,8 милиони денари. Истовремено, намалување на трошоците од околу 3,2 милиони е направено во „Комунална хигиена“ и близу 1,1 милион денари во „Градско зеленило и гробишта“.

Во евиденцијата на побарувањата од граѓаните, дуќаните и фирмите за извршените услуги и стоки има зголемување од околу 10 милиони денари, при што обврските на физичките лица изнесуваат 209,4 милиони, а од правните субјекти треба да се наплатат околу 70 милиони денари.
Највисок износ на обврските што ги има „Водовод“ се поврзани со снабдувањето со струја, односно вкупниот износ што треба да се плати кон ЕВН Хоме, ЕСМ Продажба и Електродистрибуција на крајот на јуни изнесувал околу 139,3 милиони денари.

Комуналното јавно претпријатие за период до 31. јуни ги има измирено сите обврски по основ на бруто плати и јавни давачки, додека обврските по основ на стоки и услуги споредени со истиот период од 2024 год. се зголемени за 45 отсто.
Извештајот за финансиското работење во првата половина од 2025 година ќе се најде на разгледување на 67. седница на Советот на Општина Кочани.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






