Вкупно 51 кривично дело извршиле малолетни лица во кочанскиот регион во текот на минатата година, што претставува повеќе од двојно, односно зголемување од 104 отсто во споредба со претходниот едногодишен период.
Статистичките показатели од Одделението за внатрешни работи во Кочани укажуваат дека околу 82 отсто од кривичните дела што ги извршиле деца и постари малолетници се тешки кражби и кражби. Во четири случаја имало насилство врз друго малолетно лице, при што еден од нив бил регистриран како силување малолетник. Исто така, евидентирани се и три разбојнички кражби и разбојништва и по еден случај на насилство и спречување службено лице во извршување задачи.

– Најголемиот број на деца извршители на кривични дела во текот на 2024 година се од и од македонска и од ромска популација, а тие најчесто биле и повторници во извршување на делата. Како повторници се јавуваат четири деца кои се над 14-годишна возраст, при што сториле три или повеќе кривични дела. Заради поефикасно превентивно дејствување и спречување на девијантното однесување на децата, до Центарот за социјална работа во Кочани доставени се известувања за конкретни настани во кои како извршители се јавуваат 12 деца, со барање за постапување и преземање заеднички мерки, се истакнува во писмената информација од Одделението за внатрешни работи – Кочани.
Освен кај кражбите и насилното однесување, во текот на минатата година евидентирани се 10 малолетници како прекршители на Законот за јавниот ред и мир, при што учествувале во тепачки, во физички напад, во лажно пријавување, уживање наркотични средства и користење пиротехнички средства.
Во прекршувањето на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, полициските службеници регистрирале 21 малолетно лице за управување моторно возило без возачка дозвола или при управување мопед не носеле заштитен шлем или немале возачка потврда.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.