Интензивните врнежи од дожд во последните 72 часа предизвикаа пораст на нивото на реките и другите водотеци во поширокиот кочански регион. Состојбата постојано се следи поради закани од излевања и поплави.
Кочанска Река во централното градско подрачје е над вообичаеното ниво и на одделни места го преплавува речното корито по целата негова ширина. Помошното дрвено мовче во близина на железничкиот мост на двете страни е прекриено со вода.

Високо е и нивото кај оранжериите во Долни Подлог. Таму недостасуваат уште неколку сантиметри за водата да го прекрие коловозот на мостот што води кон селото Облешево.

– Во последните 72 часа измерени се врнежи од 50 литри на квадратен метар. Утринските мерења на дотокот на вода во акумулацијата Гратче покажаа 10 кубни метри во секунда, додека во Калиманци влегуваат по околу 29 кубни метри. Според состојбата на терен, водостојот на реките продолжува да расте, но засега нема поголеми проблеми. Излевања во оризните ниви има на реката Зрновка во близина на нејзиниот влив во Брегалница, како и на Масалница пред мостот кај Грдовци, информираше за Канал 8, Горанчо Зашoв, директор на водостопанската подружница „Брегалница“.

На повеќе локации по нејзиниот тек од браната Гратче до Бавчалук излеана е Кочанска Река каде има поплавени бавчи и објекти.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






