Членовите на спортско-риболовното здружение „Кочански рибар“ денеска извршија порибување на вештачкото езеро Гратче, при што пуштија 100 килограми подмладок и крупен крап набавен од домашен сертифициран рибник и репроцентар.
Ова е прво поголемо порибување во оваа година на акумулацијата за која концесијата ја имаат кочанските риболовци, а рибниот фонд беше обновен и на две реки во регионот. Средствата за набавка на рибата е од сопствени извори на Здружението.

– Порибувањето со 100 килограми крап е реализирани со набавка од рибникот „Акватика“ од Неготино, а уште 20 килограми проточна пастрмка се пуштени во месноста Девичин Вир на реката Зрновка и над водопадот на Голема Река, кај браната Гратче. Сега ќе оставиме околу една недела да се аклиматизира рибата, инаку нема забрана за риболов, со оглед што тоа трае од 5 мај до 15 јуни. Ова е изборна година, па се надеваме дека партиите ќе најдат сили да нѐ помогнат, истакна Ивица Јорданов, претседател на спортско-риболовното здружение „Кочански рибар“.

Денешното порибување на акумулацијата и на двете реки е законска обврска и е второ по ред откако кочанското риболовно здружение повторно ја доби концесијата.
Паралелно со ова, тече и издавањето риболовни дозволи за заинтересираните граѓани. Цената е на исто ниво како и минатата година – годишната чини 3.000, а дневната дозвола е 300 денари.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.