Членовите на Здружението на слепи и слабовидни лица од Кочани на скромна свеченост го одбележаа 15 октомври – Денот на белиот стап, односно Меѓународниот ден на слепи и слабовидни.
Во моментот во Здружението во Кочани има околу 150 членови кои, и покрај својот хендикеп, учествуваат во сите активности што се организираат за нив.
-Со наша програма, однапред предвидена и замислена, ќе го одбележиме овој ден достоинствено се надевам. Можам да спомнам дека денеска во просториите нашето здружение, ние членовите, со дружба со играње друштвени игри, како што е шах, „Не лути се човече“, домино и слични, ќе го одбележиме Денот. За сега немаме некаква придобивка за разлика од претходната година, но ете, за наше задоволство денеска имаме покана од Локалната самоуправа да бидеме нивни гости за да разговараме за нашите потреби и нашите идеи како членови на Здружението, истакна Тоше Илиев, од Здружението на слепи и слабовидни лица од Кочани.
Слепите лица истакнаа дека и понатаму им се потребни пешачки патеки што се безбедни за нив, како и соодветни пешачки премини со звучна сигнализација.
-Со здружението „Еднакви за сите“ изутрината ги посетивме основните училишта „Малина Попиванова“, „Никола Карев“, „Св. Кирил и Методиј“ и „Раде Кратовче“, при што имавме средба со учениците. Објаснивме и посочивме што е 15 Октомври, што е Меѓународниот ден на белиот стап, зошто му служи белиот стап на слепиот човек, ги запознавме со сообраќајните правила, како треба да се помага на едно слепо лице и се надеваме дека ќе продолжиме и понатака да остваруваме такви средби. Денеска исто е зацртана посета на Локалната самоуправа и таму ќе посочиме дел од проблемите на слепите лица, како категорија на граѓани со попреченост, дека е потребно подобрување на инфраструктурата во Кочани, истакна Душан Граовац, член на Здружението на слепи и слабовидни лица од Кочани.
Членовите на Здружението упатија апел и барање јавноста да се запознае, а општеството да се обврзе дека треба да ги прифати како рамноправни членови на заедницата со сите граѓански прави и човекови слободи и ослободувања од секаква дискриминација и маргинализација.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.