Во ресторанот „Амор“ во Кочани се одржа првата информативна сесија за презентација на отворениот повик за доделување грантови за локални граѓански организации.
Повикот се спроведува како дел од втората фаза на проектот „Механизам за граѓанска отпорност“, финансиран од ИПА програмата на Европската Унија за поддршка на граѓанското општество и медиумите.
Повикот е исклучиво наменет за мали локални граѓански организации регистрирани во Кочанскиот регион, односно на територијата на четирите општини – Кочани, Зрновци, Виница и Чешиново-Облешево. Вкупниот фонд за финансиска поддршка изнесува 300.000 евра, при што поединечните грантови ќе се движат помеѓу 10.000 и 15.000 евра, со предвидено времетраење на проектите од 10 месеци. Една организација може да поднесе исклучиво една апликација.

Крајниот рок за поднесување на проектните апликации е 16 ноември до 17 часот, а Програмата е примарно насочена кон младите на возраст од 15 до 29 години.
Како главни причини за насочување на овие средства кон кочанскиот регион беа посочени статистичките податоци од пописите, кои покажуваат намалување на младото население во Кочани за 40% во периодот меѓу 2002 и 2021 година, како и уште поголем процент на иселување во руралните средини како Зрновци и Чешиново-Облешево каде што нема средни училишта.
Проектните предлози мора задолжително да бидат конципирани околу еден од следниве два приоритета – зајакнување на дигиталните вештини со цел економско јакнење на младите луѓе и зајакнување на претприемачките вештини и развој на социјалното претприемништво во регионот.
За разлика од класичните грантови, оваа програма нуди специфичен модел на директна поддршка (in-kind support). Целта е организациите целосно да се фокусираат на квалитетна имплементација на проектните активности, додека финансиското и административното менаџирање го спроведува самиот проектен тим.
Единствените средства што се префрлаат директно на сметката на грантистот се средствата наменети за персоналот ангажиран за проектот, кои не смеат да надминат 20% од вкупниот буџет. Сите останати плаќања кон добавувачи, обучувачи или наем на опрема ги врши директно проектниот тим.

Право на аплицирање имаат непрофитни здруженија формирани согласно Законот за здруженија и фондации со седиште во некоја од четирите општини, регистрирани најмалку три месеци пред објавувањето на повикот, со годишен обрт за претходната година помал од 50.000 евра, со исклучок на средствата добиени по основ на хуманитарни донации.
За време на сесијата, присутните претставници на локалните здруженија поставија повеќе практични прашања поврзани со спроведувањето на процедурите за набавки, ангажирањето експерти, роковите за евалуација и критериумите за прифатливост. Беше соопштено дека по поднесувањето на апликациите, евалуацијата ќе ја вршат независни надворешни експерти во текот на декември, а потпишувањето на договорите и почетокот на имплементацијата се очекува во втората половина на јануари или од 1 февруари.
За сите заинтересирани организации кои не присуствуваа, дополнителни онлајн инфо-сесии ќе се одржат на 27 октомври и 6 ноември, а сите прашања и одговори редовно ќе се објавуваат на официјалната веб-страница на проектот.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.





