По текстот за искинатото и виснато државно знаме на големиот јарбол кај спомен домот АСНОМ, што во саботата Канал 8 ТВ го објави на својот веб портал, денеска стигна информација од Општина Кочани дека тоа е заменето со ново.
-По реакциите на граѓаните и брзата интервенција на градоначалникот до Службата за општи и заеднички работи на Владата, денеска е заменето државното знаме на јарболот кај Спомен-домот „АСНОМ“, стои во општинското известување.
Добро е што се реагирало за да се замени знамето, но тоа е направено дури откако повеќе од два месеца стоеше искинато и закачено само на едниот агол.
Меѓутоа, од Општината нема одговор на реакциите и коментарите од граѓаните за металниот јарбол и околината во која тој се наоѓа, кои исто така се во лоша состојба.
Канал 8 ТВ уште еднаш потсетува дека во столбот на јарболот се наоѓа електричната инсталација за осветлување на знамето која е искината и оштетена, а искршени се и осигурувачите за четирите рефлектори. Тревата наоколу не е искосена никогаш, а доминираат купишта ѓубре, расфрлано од контејнерите во близина. До прославата на празниците 7 и 8 Септември има доволно време брзо да се реагира.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.