Покрај материјалната штета кај шумите, пасиштата и објектите, пожарите во Источниот регион се главниот причинител и за деградирање на животната средина, особено за загадувањето на воздухот.
Жителите на населените места во Кочанската Котлина во средата попладне и во вечерноте часови и самите беа сведоци на големата концентрација на чад во воздухот, при што освен видливоста, намален беше и неговиот квалитет. Најдобар показател за зголеменото присуство на чад и загаденоста, се фотографиите направени од падините на Осоговските Планини, на кои котлината не се забележува.
Според податоците од мерната станица на Министерството за животна средина и просторно планирање, во критичниот период во Кочани измерила значително отстапување од граничните вредности на дозволено присуство на ПМ 2,5 честички, односно искачување на дури 171 µg/m³. Според стандардите на Светската здравствена организација (WHO), прифатливо присуство на овие честички во воздухот е од 10 до 25 µg/m³. Исто така, измерено е и високо ниво на азот диоксид кое достигнало 16 µg/m³, што е на горната граница на прифатливи вредности. Висока е и вредноста на озонот во воздухот, која во истиот период достигнала 36 µg/m³.
Мерењата во утринските часови на 1 август покажуваат извесно подобрување на состојбата со средна оценка 63, за што влијание имал умерениот ветер во текот на ноќните часови. Сепак, и таквите вредности за квалитет на воздухот се оценува дека се над прифатливата граница, односно се највисоки во регионот.
Освен во Кочанската Котлина, значително загадување на воздухот е измерен и во Малешевијата, каде сè уште се активни пожарите во околината на Пехчево.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.