Технички проблем во меѓународната тендерска постапка за избор на градежна фирма е причината поради којa ќе се прологнира изградбата на регионалната депонија кај Свети Николе.
Јавниот повик во тендерот требаше да заврши денеска, а идниот вторник да се отворат и разгледаат пристигнатите пријави од заинтересираните компании. Сепак, целата постапка се одложува, а колкав ќе биде рокот засега е непознато.
Продолжувањето на постапката значи дека комуналните претпријатија од Источниот и Североисточниот регион и понатаму ќе се снаоѓаат со депонирањето на отпадот како и до сега. Поточно, депонијата кај селото Бели ќе продолжи да го собира ѓубрето не само од општина Кочани, туку и од Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево, со оглед што комуналните депонии на нивна територија се веќе затворени.

Неодамна градоначалниците од четирите општини се договорија за користење на услугите на кочанската депонија, трите соседни општини да плаќаат по 220 денари за метар кубен отпад. Од своја страна, КЈП „Водовод“ веќе ангажираше приватна компанија за уредување и затрупување со земја на депонијата, а средствата што ќе ги плаќаат соседните комунални претпријатија треба да бидат искористени за покривање на трошоците за услугите.
Со оглед што се најавуваше дека изградбата на регионалната депонија кај Свети Николе ќе заврши во период од две ипол години откако ќе биде избрана фирма изведувач, очигледно е дека пролонгирањето на постапката за избор, на неодредено време ќе го одложи решавањето на проблемот со депонирањето на комуналниот отпад во дваесетината општини од двата региона.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.