38-годишниот Златко Ѓоргиев од Виница постигна несекојдневен подвиг и личен успех на неодамнешната маратонска трка во Базел, Швајцарија и покрај ампутацијата на двете нозе, извршена пред неполни две години. Специјалните протези, што му ги заменуваат стапалата и натколениците, му овозможија за 50 минути и 40 секунди да ги помине петте километри и да стигне до целната линија на трката.
Заедно со сопругата и двете деца Ѓоргиев веќе една деценија живее во Фулинсдорф, во кантонот Базел во Швајцарија, каде што му се случил несреќен случај во кој ги загубил нозете.
-На 13 март минатата година целосно ми се промени животниот пат. Не само мојот туку и на сопругата и на двете деца. Додека го чистев задниот дел од камионот како дел од мојата работа, возачот со багерот што го натовари тргна наназад и не ме забележа. Немав време да реагирам, па скокнав нагоре. За жал, машината ми ги приклешти нозете под колената. Благодарение на брзата реакција на итната помош, за 15-20 минути се најдов на Универзитетската болница во Базел. Ситуацијата на почетокот претставуваше шок за сите, но едно беше јасно, дека ќе мора да ја прифатиме реалноста и нашиот нов начин на живот. Благодарен сум му на Бога што останав жив, истакнува Ѓоргиев.
Веднаш по несреќата се нашол во шок и психичка депресија, но успеал да ја надмине затоа што сфатил дека животот мора да продолжи.
-Со оглед на тоа дека само две недели бев хоспитализиран и веднаш потоа бев префрлен на рехабилитација, немав време да размислувам за депресија. Имав само една цел – што поскоро да се вратам во нормала. Пред несреќата, спортувањето беше дел од моето секојдневие. Тренирав бодибилдинг четири пати неделно, возев велосипед и редовно трчав. Секогаш си поставував предизвици, па така и овие 5 км беа инспирација и мотив за мене – да покажам дека можам, дури и кога околностите се променети, додава Ѓоргиев.
По несреќата и ампутацијата на нозете следувала рехабилитација која постепено му овозможува да се врати на секојдневните работни и други обврски.
-Во Швајцарија условите за лицата со ампутации се генерално многу добри, благодарение на високите стандарди во здравството, рехабилитацијата и социјалните програми. Има специјализирани центри за рехабилитација, кои нудат физикална терапија, но уште поважно – психолошка поддршка и подготовка за враќање во секојдневниот живот. Многу организации, каква што е PluSport нудат програми за адаптирани спортови, вклучувајќи кошарка, пливање, скијање, велосипедизам и атлетика. Постојат и клубови за лица со инвалидитет кои промовираат активно и социјално живеење. Преку организацијата IV (Инвалидско осигурување), лицата со инвалидитет добиваат поддршка за повторно вработување, преквалификација или прилагодување на работното место. Швајцарските закони бараат работодавачите да ги приспособат условите за работа каде што е потребно. Швајцарија е земја што многу вложува во интеграцијата на лицата со инвалидитет, обезбедувајќи им не само медицинска туку и општествена и професионална поддршка за враќање во нормален живот, вели Ѓоргиев.
Личниот успех на маратонот во Базел за него е поттик за учество на слични натпревари. Иако во моментот спортува само рекреативно, не ја отфрла можноста тоа да биде и нешто посериозно.
-За мене спортот е синоним за здрав начин на живеење. Тој носи физичка подготвеност, издржливост и, најважно, позитивна енергија. Спортувањето ми помага да ја задржам дисциплината и да се чувствувам силен и исполнет. За учеството на маратонот ми требаше седум пати повеќе енергија од вообичаено, така што и самиот се изненадив од успехот што го постигнав. Во моментот немам планови за настап на посериозни натпреварувања, но ако ми се укаже интересна можност, зошто да не? Во Швајцарија има многу опции за адаптирани спортови, ќе размислам, можеби еден ден да учествувам и на натпреварувања од повисок карактер, нагласува Ѓоргиев.
И покрај ситуацијата со која ќе мора да се справува понатаму во животот, вели дека има голема енергија и мотив да продолжи со активностите, упатувајќи им порака од сопствено искуство на луѓето кои се во слични околности.
-Соочувањето со животните предизвици ме направи посилен и поодлучен. Секој од нас може да го направи истото. Без разлика со какви препреки се соочувате, никогаш не откажувајте се од вашите цели. Со упорност, работа и верба во себе, сè е возможно. Секој ден носи нова можност за напредок – само треба да ја прифатите, заклучува на крајот Ѓоргиев.
Мотивираноста на Ѓоргиев да ги решава предизвиците со кои секојдневно се соочува му помага рехабилитацијата да се одвива успешно. За него повторно станува нормално рекреативно да пешачи, да вози автомобил, да игра кошарка, плива или да оди на лесни планинарски тури.
Еден од неговите животни слогани – Човечкото тело е како градина, а волјата е главниот градинар – е доволна потврда за успехот што тој досега го постигна и сигурно овде нема да запре.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.